Ќе се стави ли крај на поместувањето на стрелките на часовникот? Европската Унија одлучи!

Министрите за транспорт на земјите-членки на Европската Унија одлучија да ја одложат одлуката за укинување на сезонското поместување на часовникот до 2021 година, додека Европската комисија предложи следната година да биде последна во која ќе се поместат стрелките на часовникот двапати годишно, изјави хрватскиот министер за море, сообраќај и инфраструктура, Олег Бутковиќ, пренесуват хрватските медиуми.

-Го поддржавме предлогот на австриското претседателство на ЕУ и до 2021 година нема да има конечна одлука – изјави Бутковиќ, кој во Брисел учествува на дводневен самит на Советот за сообраќај, телекомуникации и енергија.

Европската комисија на 12 септември предложи укинување на полугодишното поместување на стрелките на часовникот за цела Европска Унија во 2019 година, а на земјите-членки им беше препуштено да одлучат дали ќе го задржат летното или зимското сметање на времето.

Во анкета на ЕК што беше спроведена од јули до август годинава, а во која учествуваа рекордни 4,6 милиони луѓ, мнозинството се изјасни против поместување на стрелките на часовникот.

-Го поддржавме начелниот став да се укине поместувањето на стрелките на часовникот, иако во Хрватска сè уште немаме став дали ќе го задржиме зимското или летното сметање на времето. Мора да спроведеме јавна расправа и да разговараме на ниво на Влада и тогаш да видиме што е најдобро- вели Бутковиќ.