ЈКП „Водовод“ – Битола: За три години спроведени над 16.600 анализи, водата за пиење е безбедна и со висок квалитет

ЈКП „Водовод“ – Битола континуирано спроведува строга контрола на квалитетот на водата за пиење, со цел до граѓаните да стигнува безбедна и здравствено исправна вода.

Според податоците на претпријатието, во периодот од 2023 до 2025 година биле извршени вкупно 16.622 лабораториски анализи, од кои 8.786 физичко-хемиски и 7.836 микробиолошки. Тоа претставува повеќе од 5.400 анализи годишно, односно во просек околу 15 анализи секој ден.

Преработката на водата се одвива во Филтерската станица Дихово, каде Одделението за санитарна контрола и третман на вода за пиење врши 24-часовен мониторинг на целиот процес и на квалитетот на водата.

Контролите опфаќаат примероци од суровата вода, финалната вода во филтерската станица, како и од повеќе пунктови низ дистрибутивната мрежа. Дополнителни анализи се спроведуваат при дефекти, пуштање во употреба на нови водоводни линии, како и по пријави од корисниците.

Освен интерната лабораториска контрола, квалитетот на водата редовно го проверуваат и надворешни овластени и акредитирани лаборатории, согласно важечките законски прописи.

Од ЈКП „Водовод“ – Битола информираат дека, според сите извршени анализи и расположливи извештаи, водата што се испорачува преку водоснабдителниот систем ги исполнува сите пропишани барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Претпријатието најавува дека и во иднина ќе продолжи со континуирано следење и унапредување на процесите за водоснабдување, со цел на граѓаните да им обезбеди сигурна, безбедна и квалитетна вода за пиење.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.