Чонески ја продолжува крушевската еснафска преродба – Нов огромен проект кој ќе значи многу за највисокиот град на Балканот

Крушево започнува со реализација на значаен инфраструктурен проект за развој на спортскиот и авантуристичкиот туризам – изградба на две нови полетувалишта за параглајдинг, со што дополнително ќе се зацврсти позицијата на градот како една од најпрепознатливите параглајдинг дестинации во светот.

Проектот предвидува проширување на Центарот за параглајдинг со две современо уредени полетувалишта. Првото ќе зафаќа 1.018,21 метри квадратни со висококвалитетна вештачка трева, како и дополнителни 993,79 метри квадратни површина со природна трева. Второто полетувалиште ќе биде со површина од 989,87 метри квадратни со вештачка трева и уште 510,02 метри квадратни зелена површина уредена со природна трева.

Со реализацијата на проектот, вкупната површина на терените за полетување со вештачка трева ќе достигне 2.008,08 метри квадратни, додека зелените површини со природна трева ќе изнесуваат 1.503,81 метри квадратни.

Од локалната самоуправа посочуваат дека инвестицијата ќе овозможи значително подобрување на инфраструктурата за параглајдерство, подобри услови за организација на меѓународни натпревари и спортски настани, како и двојно зголемување на капацитетот на Центарот за параглајдинг.

Новите полетувалишта ќе придонесат и за поголема безбедност на пилотите преку намалување на ризиците од нерамен и необработен терен, а ќе обезбедат и побезбедно полетување за слободните параглајдеристи за време на официјални натпревари.

Во рамки на проектот ќе бидат уредени и над 1.500 метри квадратни зелени површини со природна трева, што ќе овозможи подобри услови за подготовка и распоредување на параглајдерската опрема, полесно движење на пилотите, намалување на можноста за оштетување на крилата и јажињата, како и подобра дренажа и помалку калливи површини по врнежи.

Градоначалникот Нико Чонески истакна дека општината продолжува со инвестиции во проекти кои го развиваат Крушево, ја зголемуваат туристичката атрактивност и отвораат нови можности за спорт, туризам и локален економски развој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.