Фестивалот “Војдан Чернодрински” во Прилеп ќе се одвива преку цела година: Од утре ученици ќе учат за театарот на едукативни работилници

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во своето 57. издание воведува содржини во текот на целата година. Меѓу нив ќе биде едукативната работилница што ќе започне од утре (19 ноември) во Прилеп. Работилницата ќе ја води режисерот и едукатор Милош Б Андоновски, а ќе биде наменета за наставници и ученици од прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“.

Работилниците ќе се одвиваат во репетиционата сала на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот ќе биде врз истражување и проучување на театарската уметност и неговите сфери: актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката.

-Овој концепт и воведувањето на едукативната програма, не само што го прават фестивалот поотворен од кога било, туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, коишто повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар – вели режисерот Андоновски.

Тој надополнува дека во работилниците ќе се вклучат и неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учениците и наставниците еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни.

Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, којшто, воедно, е и автор во фокус на 57. издание на фестивалот.

Директорката на фестивалот, Ана Стојаноска посочува дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта. До почетокот на февруари, ќе има и презентација на сработеното, дополнува Стојаноска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.