Тинекс официјално стана косовска фирма

По повеќе од три децении под домашна сопственост, малопродажниот синџир „Тинекс“ влегува во нова фаза. Од петокот, сопственик на малопродажниот бизнис е косовската компанија „Проекс интернационал“ од Приштина.

Преземањето се реализира преку новоформираното друштво „Тинекс маркет“, преку кое продолжува работењето на супермаркетите што досега беа дел од „Тинекс-МТ“. Во преземањето се опфатени брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс деликатес“, „Конто“ и „Спот“.

Трансакцијата претходно ја одобри и Комисијата за заштита на конкуренцијата, која на 25 август даде согласност „Проекс интернационал“ да стекне контрола врз „Тинекс маркет“.

Со промената на сопственикот доаѓа и промена во управувањето. За нов управител на „Тинекс маркет“ е назначен Лиридон Бериша од Косово, кој ја презема функцијата од Кристина Тодоровиќ-Николиќ.

„Проекс интернационал“ е компанија со седиште во Приштина и е дел од „Проекс група“, која работи во областа на малопродажбата, увозот и дистрибуцијата на стоки за широка потрошувачка, логистиката и трговијата со нафтени деривати.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.