Театарот не смее да молчи“ – силни пораки и плодни дебати на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Плодни дискусии за претставите избрани во официјалната селекција се случуваат на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. „Амадеус“ на Турскиот театар и „Случајната смрт на еден анархист“ на Театарот од Штип го привлекоа вниманието и на публиката во гледалиштето, но и на разговорите.

Целата актерска екипа, како и режисерот Андреј Цветановски учествуваа на тркалезната маса што во чест на претставата „Амадеус“. Уметничката дириекторка на фестивалот Ана Стојаноска изрази задоволство што на тркалезната маса присустува режисер и директор на театар и целата екипа во претставата. Модераторот Звонко Димоски рече дека „Амадеус“ е претстава за уметноста, драма за човекот, кој е способен да ја препознае генијалноста, а не е способен да ја достигне.

-Ме заинтригира тоа што во режијата на Цветановски не видов обид да се модернизира Шефер по секоја цена. Видов доверба во текстот, во актерот, во музиката и во драмската ситуација. Наместо да ја нагласува современоста, тој ја открива и можеби токму затоа претставата делува актуелно. Зависта, амбицијата, стравот од неуспех не припаѓаат на 18 век, тие се дел од секоја епоха – рече Димоски.

Режисерот Андреј Цветановски потсети дека неговата дипломска претстава била за Салиери, која била камерна и сонувал за целовечерна претстава.

– И по 15 години, во вистинско време со вистинскиот ансамбл успеав да ги истражувам односите меѓу Моцарт, таткото, Господ и Салиери. Секој од нас носи еден Салиери, само да не го пуштиме да дивее – рече Цветановски, при тоа нагласувајќи ја сценографијата и сценските движења на Андреј Цветановски.
Главниот лик Амадеус, кој го игра Јеткин Сезаир, рече дека на почетокот имал конфузија при подготовката на ликот, но на секоја изведба уживал.

– Иако не сум генијалец, ликот ме изморува. Не знаеме каков бил Моцарт, но за односот меѓу таткото и синот ми помогнаа некои мои лични односи – рече Сезаир.

На прашањето каде Салиери ја гледа најголемата болка, Селпин Керим, рече дека длабоко му верува на Салиери, кој не е гениј и кој сака од Бог да ја земе музиката и да ја пренесе на смртен човек.

– Салиери има конфликт со себе си. Ги гледа релациите меѓу Бог и ѓаволот и тоа ми беше појдовна точка и така ги креирав релациите – рече Селпин.

Иако таткото го нема како лик во текстот, актерот Џенап Самет креира лик кој ја отсликува релацијата меѓу таткото и Моцарт и успева да ја следи чувствителната линија.

– Сакам да го спасам синот, незнаејќи колку треба да се притисне – рече тој.

Слаѓана Вујошевиќ, која го игра ликот на Констанца, односно жената на Моцарт, рече дека ликот и’ бил близок и лесен за совладување.

– Лесен ми беше по карактер, по темперамент. Безрезервната љубов почнува детски, но Констанца брзо сфаќа, созрева и дознава дека Моцарт е генијалец. Сите детали на костимите ни ги надополнуваа ликовите, за кој истражував – рече Вујошевиќ, потенцирајќи дека и требало доста да се дистанцира од ликот во филмот.
Аксел Мехмет, го игра ликот на Царот и смета дека бил најнеталентираниот лик и се трудел да не „забега“ и да биде во режисерката шема и дека менувал детали, затоа што претставата е жива материја.
Студентите од ФДУ рекоа дека претставите од Турскиот тетаар им се пример како треба да изгледа една претства, а актерот Александар Тодески ја истакна вербата што ја имаат актерите од ансамблот, за на крајот да ги потенцира соработката и актерските партнерски односи. Сите се согласија дека Турскиот ансамбл е совршениот избор за оваа претстава да се случи.

Штипскиот театар годинава учествуваше со претставата „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска.

Стојаноска го изрази задоволство од приемот на штипската претстава на прилепската публика. Звонко Димоски, во краткиот осврт потенцира дека иако текстот е пишуван пред 50 години од реален случај, дека тој е без причина и потреба и сега функционира, без да се менува.

-Претставата не се обидува да биде дневнополитичко кабаре. Не трча по актуелноста. Не е пародија на пародијата во која и онака веќе живееме. Напротив. Современите политички и општествени референци се внесени одмерено и прецизно. Колку што е потребно за да го препознаеме светот. Но не толку многу за да го уништат текстот. Од сценски аспект, претставата гради препознатлив бирократски свет: маси, досиеја, расфрлани документи, машини за пишување, архиви. Простор во кој вистината не се открива, туку се произведува – рече Димоски.

Актерот Ефтим Трајчев Ѓаурски, рече дека ја сака претставата и дека е многу директна и внимавале да не се премине границата, но да се истражува тој свет на фарса.

– Ме фасцинира тоа дека гледачите велат дека е комедија и реагираат дека не е смешно и дека боли. Благодарение на режисерката успеавме да не „избегаме“ од Дарио Фо и да ја задржиме суштината и го пренесеме дејствието од Италија во Македонија, т.е да избегаме од реалноста – рече Ѓаурски.

Според него ова било една од неговите животни улоги, што сакал да ги игра, и ликот е луд, но тој е чесен, искрен, а интелегенцијата го води низ енергичност и брзи промени, кои успева да ги интепретира. Милорад Ангелов, посочи дека во споредба со ликот што го толкува, по природа е друг човек.

-После Кочани, потребна е поголема поддршка за ангажираниот театар и во ова општество е потебно да се бара одговорност. Сите театри да стојат зад слоганот на фестивалот, да бидат храбри – рече Ангелов, потсетувајќи дека политичарите прашувале дали претставата е за нив и дека се плаши во иднина да не бидат цензурирани како театар.
Никола Кузелов, посочи дека при истражувањето на ликот кој го игра почувствувал дека станува збор за две личности, кои ги спојува во една.

– При крајот на процесот во главата ми кликна и си реков дека после целата претстава ликот кој го играм станува лудиот – рече Кузелов.

За Стефанија Митовска, објасни дека женските ликови во претставата „се забавуваат“ и дека ја следи претставата и успева да влезе во хаосот што се случува на сцената.
– Многу е важно да знаеш што правиш, а и со тоа да знаеш како влегуваш на сцената – рече Стефанија.
Во четвртиот фестивалски ден се одржа и трибина на тема „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“. Што е поопасно за едно општество: Дали е тоа конфликтот кој проилегува од овој отворен јавен дијалог, или, пак, удобноста на молкот и резигнацијата? Вака модераторот Кристина ја испровоцира дискусијата на првата од двете трибини на фестивалот.

-Францускиот социолог Жан Дивињо вели: театарот не е само театар. Тој не е само естетски чин, туку претставува активен чинител за заедницата. Ако ја прифатиме оваа претпоставка како таква, претпоставувам дека ни е јасно дека треба сѐ почесто треба да си го поставуваме прашањето за функцијата, за улогата на Театарот вом заедницата. И од позиција на активни дејци во театарската уметност, но и од позиција на публиката. На ова прашање ќе се обидеме да му пријдеме од различни агли на трибината „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“.Во рамките на Фестивалот и неговото мото „Храбриот нов театар“ имаме можност да отвориме низа важни прашања за улогата на театарот денес, рече модерасторката Кристина

Кога зборуваме за храброст на театарот, често мислиме на нова естетика, испробување нови форми, експерименти на сцената. Ама подеднакво важно е да се запрашаме дали театарот денес има храброст да влезе во директен дијалог со македонскоото општество.

Теоретичарката на уметноста и професор на ФДУ, Искра Гешоска нагласи дека Фестивалот е многу значаен за државата и многу е важно во годишното стратешко планирање да го пренесе ставот како театрите понатаму треба да фукнционираат и каде е грешката.

– Растев со театарот и ми беше дурбин за откривањето на разните детали на светот. Моето сознание било дека Театарот е уметност на пукнатините на молкот. Тоа е просторот каде зборот престанува да се плаши од сопственото ехо. Театарот, по дефиниција, е дијалог. Но, помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк се протега една невидлива сцена. Повеќе од јасно е дека театарот би станал обезбачен ако не стои бодро, храбро, наспроти стравот, наспроти фројдовски кажано, неугодното во културата. Како интердисциплинарна уметност, театарот оперира со разни полиња на моќта. Ама, како да се плашиме тоа да го изустиме, да го живееме, зашто е голема одговорност. За жал, особено денеска, театарот често знае да западне во удобниот молк. А тој политички, општествено е оложување на говорот кој овозможува привид на социјална подвижност. Во македонскиот контекст постои системска тенденција, институционалниот театар да ја симулира критичноста,да зборува слободно под наводници за теми кои веќе се безбедни за зборување. Ова не е слобода. Денешниот македонски театар честопати се плаши од брехтовската резолутност. Претпочита топлина, идентификација, леснотија, а не публика која ќе излезе од театарот обременета со бројни прашања кои бараат одговор, смета Гешоска.

Режисерката и професорка на ФДУ, Зоја Бузалковски низ конкретните сопствени примери изаложби преку театарските проекти да поттикне општествени прашања, загриженост и решенија, смета дека сѐ уште го сфаќа театарот како место на општествени промени.

-Неколкупати го користев театарот за инсценирање ситуации со професионални актери, врзани со малолетната деликвенција за потребите на организирање испит, за медијатори на државно ниво. Се уверив дека театарот може толку да се доближи до животот, што границата во еден момент и сосема да се избрише. Работев во симулациска обука во борбата за справување со трговијата со луѓе, го користев театарскиот јазик за да проговорам за ситуацијата со бегалците. Секаде, без исклучок, ефектот беше фасцинантен. Но, она што најмногу сакам да го правам е да ги поместувам нештата од онаму каде што е најтешко, а каде се крие најголемата моќ за промена, а тоа е сцената на институционалниот театар. Театарот сериозно може да му се замеша на животот. Не само преку документарниот театар, преку удобното, преку форум театарот. Јас сѐ уште го сфаќам театарот, можеби наивно, како место на промени. За мене е промена кога некои луѓе од публиката демонстративно ќе си заминат од претставата. На пример, за мене беше голема победа на претставата кога цело семејство ја напушти зашто се говореше за семејното насилство и за инцестот. Сметам дека не е затоа што претставата е естетски лоша, туку зашто вознемирува, иритира, плаши и погаѓа темата, рече Бузалковска.

Театарот мора да ризикува, да оди по тесна греда, да прави публиката, одвреме-навреме, да го задржи здивот како на добра акробација на трапез каде акробатот може да си го скрши вратот ако направи макар и најмала грешка. Најмногу успеале претставите кои додека ги гледате, се фаќате за глава.

-Претставите кои и по години не нѐ оставиле спокојни, не само со својата естетска вредност, туку и со сето преиспитување кое го покренале во нас, тој отворен дијалог, кој којзнае дали некогаш ќе биде затворен, се театарот кој сакам да го гледа, додава професорката и режисерка Бузалковска.

Кристина Леловец, актер и професор на ФДУ смета дека ние доволно не ја користиме институционалната сцена, туку мислиме дека надвор од неа можеме повеќе да направиме. Најавува фронт на „независните’ отворено да се проговори.

-Без разлика што македонскиот независен театар ги има сите обележја кои, вообичаено, ги имаат сите независни театри, сепак доволно не се искористува институционалната сцена. Има многу форми да се учествува во театарот. Вистината е дека културната сцена се создава во рамките на условите. Бранењето да се биде на независната сцена е многу политички опасно. Допрва ќе треба да се самоекипираме. Гледам некаква надеж во тоа поврзување на независната театарска сцена. Фестивалот се труди да ја држи отворена таа програма. Незаависната сцена е таа која доаѓа да ги реформира театарските сцени. Ќе се обидеме да направиме некаква форма, сојуз, платформа од која ќе дејствуваме заеднички, и не само за вработување но, пред сѐ, за внатрешна еманципација.

Драмскиот писател Сашо Димоски признава дека неговата работа, главно, се одвива во институционалниот театар. А институционалната форма на театарот не можеме да ја замислиме без зборот политичка. Но, театарот мора да одговори на кризата и да се промени.

-Ние некако, попатно, сме го загубиле сопствениот театарски идентитет. Мислам на оној кој се развива во институциите. Тоа е така зашто во еден ммет престанал да го негува основниот кодекс за тоа што е институционално. Самиот факт дека имаме хронично отсуство од македонски авторски текстови, ние не може да зборуваме за прогресот и развојот на нашиот театар. Националниот театар, во која било негова рамка, е основата за домашната драма. Институционалниот театар можл да биде место за развивање на својата естетика, место за поттикнување за развој на ново мислење. Но,сепак, ќеречам дека станува збор за политичка одлука. Мене ми е важно дека сум се обидел, заедно со своите колеги, да работам на изнаоѓање на еден поинаков театарски јазик. Театарот, генерално, мора да реагира на таа криза за да се промени, повторно да се обмисли себе си. Само на ваков начин, преку храбриот и нбов театар можеме да зборуваме за поместувањата кои може да ги направат дејците во рамките на институционалниот театар, рече Димоски на првата трибина на Фестивалот насловена „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“.

На програмата денес:

Претставата „Носорози“ во продукција на Албанскиот театар од Скопје, вечерва во 19 часот ќе биде изведена во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Претставата е според Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев од Бугарија. Играат: Шкелќим Ислами, Абедин Алими, Гентиана Рамадани, Висар Етеми, Осман Ахмети, Вјолца Бектеши Хамити, Музбајдин Ќамили, Аида Алидеми Лајчи, Аида Елези, Блерим Дарлишта, Дрита Каба Карага, Генци Мирзо Бејтула Ќерими, Едлир Османи, Нихал Беџети и Хегем Етеми. Веднаш по претставата ќе следува тркалезна маса за истата.

На полноќ во Центарот за култура ќе настапат студенти на Факултетот за драмски уметности од Скопје, во копродукција со Албанскиот театар од Скопје, со изведбата на претставата „Невиност“, под водството на режисерката Зоја Бузалковска.

Во 11 часот ќе биде промовирана театарска и театролошка литература, а од 10 часот кај Саат-кулата ќе биде отворена детската зона.

Покровители на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп се: Претседател на РС Македонија, Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Прилеп. Спонзори се: Комфи Ангел, Прилепска пиварница, Витаминка, Пакомак, продукциски партнери – Микросам, Кули, поддржувачи: Комерцијална банка, Стопанска банка, МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп.

Официјална вода на фестивалот е „Ладна“ (Магрони ДОО, Скопје). Соработници: Јавен Простор Прилеп, НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градска библиотека „Борка Талески“, Умно.мк, Урбан Ера, Стопанска комора на Северна Македонија – Прилеп, Биткрафт.

Медиумски покровители: МТВ, Телма, МИА, Слободен печат, Портрет, Трн.мк, Култура 24, Нова Македонија, Cultural Chat, ОРО, Екран, Вечер, Радио Холидеј, Jazz FM, Okno.mk, Независен, Лице в лице, Република, Инфо компас, Е-Магазин, Канал 77, Музика 24, Радио Пела, Маркукуле, Текст.мк, Сакам да кажам, ОТВ.мк, Зенит, Публикум и др.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.