“Сугарески во сабота ќе отвара автопат, проект на Јанакиески?”

Свечено отворање на автопатот Миладиновци-Свети Николе-Штип, сепак, ќе има.

Владата денес поканувајќи ги медиумите за овој настан, соопшти дека свеченоста ќе се одржи в сабота во 11 часот во Свети Николе.

На настанот, свои обраќања ќе имаат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен, а предвиден е и коктел.

Новиот автопат Миладиновци-Штип беше пуштен во употреба пред еден месец. Почна да се гради во 2014 година кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, и тој ќе го скрати патувањето од Скопје до Штип за околу половина час. Во првиот автопат во источниот дел на државата, чија должина изнесува 47 километри, беа вложени 177 милиони евра. По него ќе се вози и со 130 км/ч.

Претходно од Министерство за транспорт и врски уверуваа дека нема да има свеченост за пуштање на автопатот во употреба..


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.