Стручна средба во Прилеп обедини медицински професионалци од Македонија, Србија и БиХ

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп беше домаќин на значајна стручна едукативна средба, која воедно претставуваше можност за размена на знаења, искуства и добри практики со здравствени професионалци од регионот.

Во рамките на стручната едукација, предавања и практични работилници реализираа м-р Мујо Субашиќ и м-р Елведин Зукиќ од ЈУ Завод за итна медицинска помош на Кантонот Сараево „Примариус д-р Силва Ризванбеговиќ“ од Босна и Херцеговина.

Присутните медицински професионалци имаа можност да се стекнат со дополнителни практични знаења од областа на итната медицинска помош, со посебен акцент на постапките кои можат да бидат од пресудно значење во животозагрозувачки ситуации.

Обуката опфати теми поврзани со CPR (BLS), односно кардиопулмонална реанимација кај возрасни и доенчиња, управување со дишните патишта при присуство на туѓо тело, како и напредно управување со дишните патишта со употреба на супраглотични уреди и ендотрахеална интубација (ALS).

Дел од практичната едукација беа и интраосеалната администрација на лекови, како и препознавањето и третманот на шокирачки и нешокирачки срцеви ритми.

Особено значаен дел од посетата беше и донацијата на три AMBU-сетови – два за возрасни и еден педијатриски. Опремата ќе биде од големо значење за практичната работа, но и за континуираната едукација и усовршување на медицинскиот персонал во прилепската болница.

На стручната средба присуствуваа и гости од Република Србија: Раденка Чираковиќ, мастер дипломирана медицинска сестра, специјалист по клиничка нега – анестетичар и претседател на Здружението на здравствени работници – Лозница; Душица Биоушанин, мастер медицинска сестра, специјалист по клиничка нега и главна медицинска сестра во Прва хируршка клиника – Белград; Живка Маџиќ, дипломирана медицинска сестра – специјалист по клиничка нега и претседател на Здружението на стома-сестри на Србија, како и Светлана Цветковиќ, дипломирана медицинска сестра и главна медицинска сестра на X одделение во Прва хируршка клиника – Белград.

Од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп упатија благодарност до сите учесници за посетата, професионалната соработка и несебичното споделување на знаења и искуства, со посебен акцент на поддршката од УХМТФБИХ и директорката д-р Јасна Хусеинбеговиќ Мусиќ.

Од болницата посочуваат дека ваквите средби се важен чекор кон продлабочување на професионалната соработка и поврзување на здравствените работници од регионот, но и добра основа за реализација на нови заеднички едукативни активности во иднина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.