Советот на Општина Прилеп на денешната седница, на која се разгледуваше ребалансот на општинскиот буџет, донесе одлука за пренамена на средства во висина од 3,8 милиони денари за новоформираниот клуб ГФК „Победа“.
Секако, вложувањето во фудбалот и поддршката за клуб кој треба да ја продолжи богатата фудбалска традиција на Прилеп се добредојдени. Но, сосема оправдано се наметнува прашањето: што е со останатите колективни спортови во градот и дали сите клубови имаат еднаков третман кога станува збор за општинската поддршка?
Особено загрижувачки е примерот со кошаркарскиот клуб „Мега Баскет“, кој сезонава бележи одлични резултати и во сениорска и во младинска конкуренција. И покрај вложениот труд, постигнатите резултати и континуираната работа со младите кошаркари, клубот со денешниот ребаланс не доби дополнителна финансиска поддршка, па најверојатно ќе мора да ја заврши годината со единствените 5.000 евра што Општина Прилеп му ги додели на почетокот од годината за двете екипи.
А резултатите на теренот се повеќе од добри. И сениорската и младинската екипа се во победничка серија од по четири последователни победи, а претстојниот викенд ќе атакуваат на петтата победа по ред.
Не станува збор за тоа дали фудбалот заслужува поддршка – заслужува! Но, дали е праведно еден клуб да добие 3,8 милиони денари, додека друг, кој успешно се натпреварува во својата конкуренција, работи со младински категории и остварува забележителни резултати, да остане без дополнителна поддршка?
Прилеп има спортска традиција и надвор од фудбалот. Кошарката, ракометот и останатите колективни спортови исто така заслужуваат внимание, услови за работа и финансиска поддршка.
Спортот не треба да се вреднува само според популарноста на клубот, туку и според резултатите, вложениот труд и бројот на млади луѓе кои се дел од него.

























