Започна реконструкцијата на спортските игралишта во дворот на ОУ „Даме Груев“, со што учениците и граѓаните наскоро ќе добијат современ простор за спорт и рекреација.
Станува збор за проект кој се реализира преку вториот владин повик, со поддршка од Министерството за образование и наука, а предвидува целосно уредување на отворените повеќенаменски спортски терени во училишниот двор.
Во рамките на проектот ќе бидат асфалтирани терени за ракомет, кошарка и одбојка, со вкупна површина од 1.311 квадратни метри.
Покрај спортските игралишта, ќе се изгради и пешачка патека со бехатон на површина од 294 квадратни метри, ќе се асфалтира пристапниот дел до терените, ќе се уреди паркинг простор, ќе се реализира хортикултурно уредување и ќе се постави нова урбана опрема.
Вредноста на проектот изнесува 15.507.414 денари, а неговата реализација треба да овозможи значително подобри услови за спортски активности, рекреација и престој на учениците, како и за сите посетители на училишниот комплекс.



























