„Денеска сме во посета на Полициската станица во Прилеп и локалната самоуправа, а заедно со градоначалникот Илија Јованоски присуствувавме и на седницата на Локалниот совет за превенција. Безбедносната состојба во општината, како впрочем и на територија на целиот СВР Битола е стабилна и бележиме добри резултати во работењето, особено во откривачката дејност, што значи дека е зголемена ефикасноста на полицијата, а со тоа и безбедноста на граѓаните“, рече министерот Оливер Спасовски во изјавата за новинарите по денешната посета на Прилеп.
Полициската станица Прилеп бележи значителни резултати и податоците покажуваат пад на криминалитетот и зголемување на ефикасноста на работењето, а се бележи пад и на бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со смртни последици. И фестивалот на пивото кој завршува денеска се одвива мирно, со исклучок на еден изолиран инцидент кога во кафуле во петокот беше најдена школска бомба која нема експлозивно полнење и немаше повредени ниту материјална штета.Полицијата работи на расчистување на случајот и веќе има преземени дејствија.
„Со градоначалникот Јованоски разговаравме за соработката меѓу локалната самоуправа и полицијата, а се разбира, разговаравме и за плановите за идна соработка. Заедно присуствувавме и на седницата на Локалниот совет за превенција, меѓуинституционално тело кое е извонредна можност за навремено и точно детектирање на сите предизвици важни за функционирањето на една средина“, рече Спасовски.
Учеството во работата на Локалниот совет за превенција за Министерството за внатрешни работи е од исклучителен интерес како во поглед на продлабочување на комуникацијата со граѓаните, така и во поглед на интензивирање на соработката особено во контекст на нашата примарна цел да ја етаблираме полицијата како реален сервис на граѓаните. Само преку континуирана комуникација меѓу граѓаните и полицијата можеме да целиме кон подобрување на квалитетот на живеење.
„Сакам уште еднаш да потенцирам дека ги преземаме сите неопходни мерки за санкционирање на било каков криминал, а особено на организираниот криминал и корупцијата. Ја користам и оваа прилика преку вас медиумите да ги повикам граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на корупција, заеднички да се бориме против криминалот и корупцијата. Гледате дека граѓаните се сега охрабрени затоа што гледаат дека институциите функционираат. Ние докажавме дека за нас криминалот не познава партиски и други бои и дека принципиелно и бескомпромисно сме за борба против него. Законите важат за сите, а ние јасно покажуваме дека преземаме мерки против сите: политичари, вработени во МВР…без никаков пардон. Така и ќе продолжиме“, рече Спасовски..