Со промоција на книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик“, во Прилеп одбележани 116 год. од раѓањето на Круме Кепески, авторот на првата Македонска граматика

Во организација на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“- Прилеп и Друштвото за наука и уметност Прилеп вечерва се одржа чествување на 116 годишнината од раѓањето на истакнатиот културен деец, Круме Кепески, автор на првото издание „Македонска граматика“ публикувано во 1946 година. По тој повод во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“- Прилеп вечерва се одржа настан-промоција на книга „Необјавени страници за македонскиот јазик“ и предавање од неговата ќерка, проф. д-р Јованка Кепеска – еминентна лингвистка која со својата посветеност успеа да донесе до нас едно драгоцено сведоштво за интелектуалното и духовното наследство на нејзиниот татко.

Книгата содржи материјали од оставината на основоположникот на македонското граматичарство, авторот на првата македонска граматика, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Оваа книга е втора со оставината на Круме Кепески, првата – „Статии и анализи за македонскиот јазик“, е објавена во 2014 година.

Промотор на книгата беше д-р Симона Груевска Маџоска, а предавач Слободан Беличански.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.