Со молитва, благослов и достоинствено коњичко дефиле, ГАЛОП Битолска Коњаница на 26 јули ќе го започне својот традиционален марш кон Крушево, каде ќе учествува во одбележувањето на 123-годишнината од Илинденското востание.
Битолската коњаница веќе со години е препознатлива како здружение кое ја негува македонската традиција, историја и националниот дух. Преку бројни коњички дефилеа, културни манифестации, патриотски настани и свадбени свечености, коњаниците испраќаат порака за почит кон историското наследство и неговото пренесување на младите генерации.
Годинава, нивното патување кон Крушево ќе биде исполнето со историски и културни содржини, музичка програма и оддавање почит на македонските херои кои ја втемелија борбата за слобода.
Патувањето започнува на 26 јули, на големиот христијански празник Свети Архангел Гаврил, со молитва и благослов од Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар во црквата „Св. Архангел Гаврил“ во битолската населба Довлеџик.
Во 12:30 часот, од Офицерскиот дом во Битола ќе започне свечено дефиле низ Широк Сокак и градските улици, придружено со зурли и тапани, како и настап на деца играорци од селото Ивањевци.
Првата станица е селото Цапари, каде ќе се одржи свечена програма со настап на КУД „Гоце Делчев“ – Битола, учество на деца од Цапари, историски говори, полагање свежо цвеќе на споменикот на илинденците, читање заклетва и нараторски изведби, по што ќе следува музичка програма со „Уникат Бенд“.
На 27 јули коњаницата ќе се упати кон селото Стрежево, каде ќе преноќи, а веќе на 28 јули ќе пристигне во Смилево, родното место на војводата Даме Груев. Таму ќе биде положено свежо цвеќе на неговиот гроб, а коњаниците ќе преноќат во конаците на манастирот „Св. Петар и Павле“.
На 29 јули маршот продолжува кон селото Слепче, каде е предвидена богата културно-уметничка програма со настап на КУД „Илинден“ од Демир Хисар, млади пејачи од Реплика и „Уникат Бенд“. Во Слепче ќе се одржи и прес-конференција на која свечено ќе бидат претставени трите нови патриотски музички видеоспотови што ги реализира ГАЛОП Битолска Коњаница.
Станува збор за амбициозен проект посветен на македонските револуционери Методија Патчев, Ѓорѓи Сугарев и Крушевската Република, чија цел е преку музика и видео да се доближи историјата до младите генерации и да се зачува споменот на хероите кои се бореле за слободата на Македонија.
Во Слепче ќе присуствуваат и поддржувачите на проектот, меѓу кои и Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, како генерален спонзор, како и спонзор кој, по сопствено барање, ќе остане анонимен.
Патувањето продолжува на 30 јули кон селото Бирино, а на 31 јули коњаниците ќе пристигнат во Крушево, каде ќе им се приклучат коњаниците од Горно Лисиче и Кичево. Заедно ќе учествуваат на свеченото дефиле низ градот.
На 1 август ГАЛОП ќе биде дел од официјалното дефиле организирано од Општина Крушево, додека на 2 август, на Денот на Републиката – Илинден, ќе учествува во традиционалното дефиле до Мечкин Камен, каде ќе им оддаде почит на илинденците и ќе биде дел од централното одбележување на 123-годишнината од Илинденското востание.
Покрај своите патриотски активности, ГАЛОП Битолска Коњаница е препознатлива и по зачувувањето на македонските свадбени обичаи. Со свечени коњички придружби, традиционални носии и македонски знамиња, членовите на здружението придонесуваат старите обичаи повторно да станат жив дел од современите генерации.
Со својата мисија, ГАЛОП продолжува да испраќа силна порака дека македонската историја, традиција и национален идентитет треба да се негуваат, почитуваат и пренесуваат од генерација на генерација.
































