Скопје денеска ја одбележува 63. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во рамки на одбележувањето, делегација на Собранието составена од пратениците Сергеј Попов и Даниела Николова, во 10 часот ќе положи венец со цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на гробиштата во Бутел.
Во исто време, цвеќе ќе положат и претставници на Град Скопје, во рамки на централното комеморативно чествување посветено на жртвите од трагедијата.
Вечерната програма ќе започне во 19:30 часот во Музејот на град Скопје со отворање на изложбата „63 години – Скопје ‘63“, чиј автор е Зоја Богдановска, кустос советник и историчар. Поставката преку автентични фотографии и архивски материјали ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и напорите за спасување, ставајќи ги во фокус човечките приказни и емоции од денот што засекогаш го промени градот. Изложбата ќе стане дел од новата постојана поставка во музејот.
Во 20:30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот. Настанот ќе биде проследен со промоција на дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ на Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
























