Ски-центарот “Стрежево” е сместен во падините на Баба Планина, лоциран над селото Нижополе на надморска висина од 1.300 до 1.610 метри и со градот Битола е поврзан со асфалтен пат со должина од 15 км.
Скијачката сезона најчесто започнува од почетокот на месец декември и трае до крајот на месец март. Долж ски-патеките има и кафе-бар (бачило), кое работи секој ден преку целата година, па посетителите можат да се освежуваат со топли напитоци по најпопуларни цени во државата.
Јавното претпријатие “Стрежево”, ги презеде сите чекори за успешна и континуирана скијачка сезона. Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените.
Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата скијачка сезона, извршено е обележување на постојните патеки, a скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки.
Ски-центарот “Стрежево” организира денско и ноќно скијање. Сезонскиот билет е 5.000 денари, дневниот билет чини 500 денари, ноќната карта чини 400 денари, додека за деца до 14 години сезонскиот билет изнесува 3.000 денари, односно 300 денари за денско скијање.
Скијачката сезона оваа година започна на почетокот на декември. Добрите временски услови, снегот и добро уредените ски стази, беа причина Ски-центарот “Стрежево” да го посетат неколку илјади гости.
Според вработените во скијачкиот центар, ова е добар старт на сезоната, а снегот кој падна изминатиот период, дава реална надеж дека и оваа година ќе го има доволно, а со тоа ќе има и се повеќе посетители.
Она што вреди да се забележи е дека Ски-центарот “Стрежево” почнува да блеска во сиот свој сјај, а сите оние кои сакаат барем малку да избегаат од градските гужви, треба да се упатат кон овој туристички бисер на Македонија.
Патиштата се чисти и проодни, но сепак ви препорачуваме да возите внимателно, и секако, да не заборавите да ја понесете задолжителната зимска опрема. Се надеваме на магична зимска бајка во периодот што следи и да ја продолжиме успешно започнатата скијачка сезона во новата година.