Симеон Стојчески, Претседател на “SOT. МC Macedonia”: “Мотоциклист може да биде секој, но моторџија – тоа е животна филозофија”

За животот на две тркала, дружењето, возбудливоста на долгите мото релации и адреналинот, разговаравме со Претседателот на мото клубот “Sons of Thunder MC Macedonia” Симеон Стојчески. Прилепскиот мото клуб функционира од 2008 година, зад себе имаат многу хумани дела, многу заеднички релации, братско разбирање и почит, како и неверојатна магија која ја шират каде и да се појават. Тие се нашите култни момци, без кои животот во градот под “Марковите Кули” не би бил ист.

14528252_10209452797769869_1249651626_n

Кога за прв пат се вљубивте во моторите и кога за прв пат се разгори таа страст во вас?

Љубовта кон моторите мислам дека вирее од мојата рана младост, но како сериозен настап кон моторџиството може да ја сметам 1986 година, кога за прв пат го имав мојот поголем мотор да речам, а тоа беше “Jawa California Twins 350cc”, додека пак конкретно целосно навлегов во 90-тите години, кога извесен период живеев во Велика Британија.

Член сте во моторџискиот клуб “SOT. MC Macedonia”. Kога е формиран клубот, колку членови брои и кои се главните приоритети и активности на клубот?

Да, јас сум член, претседател по функција и еден од основачите на SOT MC Мacedonia. Клубот своите први скалила ги започа 2008 год. и помина низ неколку фази на тоа скалило, за да во 2012 год. се офиицијализираме како “Sons of Thunder MC Macedonia”, со признавање на истиот од страна на Меѓународната “Мото Култ сцена”. Да разграничиме една работа, постои мото сцена, тоа е онаа во која спаѓаат сите мотоциклисти, и мото култ сцена, во која спаѓаат оние кои живеат 24 часа за тоа – животна филозофија, а тука ние го најдовме нашето место во тој свет. Први и основни приоритети на клубот и самите нас како членови е КЛУБОТ, нормално. Почитта, честа и поврзаноста помеѓу нас која се надградува и тоа е веќе како братство-фамилија. А, како втор приоритет ни е дружењето првично помеѓу нас, другите клубови кои имаат иста филозофија, поединци моторџии, и секако да се биде од добробит во општеството во кое живееме. Бројот на членови е доволен, но секогаш секој е добредојден кој би се пронашол во нашиот стил на живеење.

14527433_10209452798049876_1569904509_n

Кој може да стане член на клубот и дали постојат некои посебни услови што треба да се исполнат за да се членува во SOT. MC Macedonia?

Посебни услови во глобала ако ги земеме не постојат. Но, пред се оној кој што сака да пристапи кон клубот треба да помине низ неколку фази за да се види она дали истиот тој ја разбира таа животна филозофија, а тоа е да се биде моторџија, а не мотоциклист. Мотоциклист може да биде секој кој вози мотор, но моторџија – тоа е животна филозофија, пат и стил на живеење.

14527637_10209452797729868_1169806595_n

Кога човек еднаш ќе се вљуби во оваа опсесија може ли некогаш слободно без грижа на совест да речи, “Доста ми е мене од ова, го оставам моторот” ?

Не, не би рекол. Како што напоменав во погорниот текст тоа е животен пат и филозофија, кој зачекорил по истиот тешко би му било да се врати – откаже. Можеби ќе живее така, но оној внатрешен немир ќе го гризе. Ќе живее соло-моторџија, но тоа е веќе навлезено во секоја пора од телото. Кој тоа го осетил, тој добро знае.

Моторџиите се култна појава каде и да присуствуваат. На што се должи таквата позитивна атмосфера што ја создавате и како со леснотија плените сечиј поглед?

Видете, самата ведрина и дух кој го носиме со себе се префрла на другите кога се непосредно во наша близина и тоа создава позитивни вибрации и добро чувство. Со секого за многу кратко се спријателуваме, луѓето тоа го чувствуваат, па понекогаш освен разговорите за моторите и патувањата, луѓето ни се доверуваат за други проблеми, бараат мислење токму поради тоа што ние ја носиме таа позитивна вибрација и љубов помеѓу нас.

14555875_10209452798369884_1278876008_n

Кога се зборува за моторџиите во прв план се долгите релации, “танцувањето по асфалтот”, дружењето и стекнувањето на нови искуства. Колку често заминувате на долги релации и која е најдолгата траса што сте ја извозиле?

Кај нас не постои крај на сезона, мислам во поглед кога ги оставаме моторите па да чекаме подобри временски услови. Ние возиме во секо време, и по дождови, ветришта па и по снег сме возеле. Тука е оној дух на авантуристот, тоа е таа култ-сцена. Многу често сме по патиштата низ нашата држава па и надвор, а претпознатливи сме по нашите кожени елеци и грбот кој го носиме со гордост на него, по тоа секој ќе не препознае. Тешко би било да издвојам посебна траса која сме ја извозиле, сметајќи дека онаа другата имала некоја своја посебна содржина. Тоа е веќе поединечно чувство и кој како го доживеал од нас. Многу километри сме направиле на белосветските патишта, зборувам во името на клубските возења, а поединечно секој си има своја омилена релација која ја извозил.

14542852_10209452798289882_29381479_n

Моторџиите се и големи хуманисти, не ретко сме сведоци на хуманитарни акции од страна на мото клубовите. Имате ли свои хумани дела на кои сте горди?

Од 2008 година со мото турата “Мариово” (која 5 год. со ред важеше за најдобро организиран и најмасовен мото настан во Р.Македонија и на Балканот), кога се групиравме истомисленици, имаме организирано многу хуманитарни акции и тоа од крводарителски акции, па соработка со Црвениот Крст, помош на фамилии на кои им е потребно тоа, хумантарни акции за поединци, за поплавените подрачја кога беа актуелни, едукативни програми за безбедно управување со моторцикл, kампањата која и ден денес ја водиме “Погледни два пати – спаси живот“ за учесниците во сообраќајот… Но, сето тоа не го комерцијализираме, оставаме други да го почувствуваат. Нам не ни треба реклама. Доволно е што помеѓу нас љубовта, почитта и честа ни се двигатели за тоа.

14527433_10209452798049876_1569904509_n

Со каков моторџиски капацитет располага нашиот град  и какви се вашите релации со другите мото клубови од државата?

Во нашот град во последно време со отворањето на источните пазари, па и увозот, капацитетот на мотори се зголемува секојдневно, а со тоа се зголемува и бројот на учесници во сообраќајот како мотоциклисти. Но, тоа се само мотоциклисти. Ние имаме многу добри релации, односи и држења со многу други клубови во нашата држава, како и надвор од неа на меѓународно ниво, кои контакти секојдневно се зголемуваат.

За крај кои се вашите активности за во иднина и што се можат да очекуваат прилепчани за скоро време од вас?

Вратите на клубот се секогаш отворени за секој еден кој има барем мала искра во него и смета дека би се пронашол во нашиот свет. Верувам дека ги има доста такви, но поради сплет на околности не дошле до нас, па еве ги повикувам кога ќе видат некој од нас, со елекот и грбот низ градот, нека застанат на муабет, кафе, па така и на некој друг ќе му се оствари животниот сон. Од комерцијална страна сме во план да организираме неколку настани, за кои не би подранувал со изјава. Но, секако кога ние ќе организираме нешто, Прилеп и прилепчани тоа го паметат долго време.

 

Подготви: Александар Георгиоски

 

 

 








Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.