Симболот на македонскиот непокор и лулка на православието во Западна Македонија: Величенствениот Лешочки манастир (Фото/Видео)

Лешочкиот манастир, или симоболот на македонскиот непокор и лулка на православието во Западна Македонија, претставува најголем духовен центар во Тетовско.

Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.

Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастирскиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски т.н. Стар манастир.

Манастирот за првпат е основан во далечната 1321 година од страна на епископот полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека. Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар. Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам.

Манастирот досега е два пати уриван. Првпат во 1690 година Турците го разурнале целиот комплекс сосе црквите. Вторпат манастирот го кренале во воздух албанските терористи за време на конфликтот во 2001 година.

Црквата „Св. Атанасиј“ е главната манастирска црква. Неа ја возобновил игуменот Серафим во 1924 година. Била изградена во многу убав стил со три куполи, една централна и две на пронаосот. На десната купола вградена била камбанаријата.

За време на конфликтот во 2001 година тepopиcти поставиле екcплозив во олтарниот простор во манастирската црква и целосно ја кренале во воздух. Бил yништен источниот дел од црквата, централното кубе, покривот и просторот зад олтарот. Останал само задниот дел од црквата, каде што порано се наоѓала влезната врата.

На 15 февруари 2002 година, манастирот бил посетен од членови на европската комисија каде било утврдено повторно да се возобнови и да воскресне ова светило. Манастирскиот комплекс бил реконструиран и завршен во јуни 2006 година. Црквата „Св. Атанасиј“ била реконструирана со истиот камен што бил користен во нејзината првична изградба. Камењата биле сочувани и нумерирани со помош на Институт за заштита на културното наследство, кој направил детална студија за проектот. ЕУ обезбедила околу 410.000 евра за обнова на ѕидот и фасадата, преку Европската агенција за реконструкција во Македонија.

Неговото преосветување било на 14 октомври 2007 година, кога Македонската православна црква прославувала 40 години од својата автокефалност. На празникот на Покров на Пресвета Богородица било извршено осветување на црквата „Св. Атанасиј“. Осветувањето на црквата го извршил архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, а на чинот на осветувањето присуствувале и поголем број од архијереите на Синодот на МПЦ.

Во склоп на Манастирскиот комплекс се наоѓа и ресторан кој располага со капацитет од 450 места и во него се организираат секаков вид на прослави. Специјалитет на ресторанот е тавата Лешочки манастир, а секако и разните видови на скара и печења.

Посете го Лешок и Лешочкиот манастир и уживајте во природата и духовниот мир.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.