Од синоќа и во текот на денешниот ден Битола е под силен ветер кој на моменти достигнуваше удари и над 50 километри на час, што предизвика повредување на лица, оштетување возила и откорнати дрвја. Попладнево на терен беше градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
„Според информациите кои ги добив од директорот на ЈП „Комуналец“ со кој попладнево сме на терен, до денеска до 14:30 часот кај нив, во Центарот за управување со кризи, во СВР Битола и во Општината биле пријавени околу 20 паднати дрвја на јавни површини и дворови на станбени згради.
Исто така сум информиран дека од паднати дрвја оштетувања се предизвикани на неколку автомобили. Екипите на ЈП „Комуналец“ и во текот на денот беа на терен, а по прекинувањето на силниот ветер започнаа со целосно расчистување на теренот и отстранување на паднатите дрвја и гранки.
Од информациите добиени од Итната медицинска помош во Битола и Клиничката болница, повредени се 3 лица на кои им е укажана лекарска помош на одделенијата за ортопедија и максилофацијална хирургија и пуштени се на домашно лекување. На овие лица им посакувам брзо закрепнување.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи се очекува ветер да дува до вечерните часови. Со оглед на ваквите најави, апелирам на голема внимателност од граѓаните, до стабилизирање на временските услови и комплетно
расчистување на теренот од страна на јавните претпријатија“, рече градоначалникот Коњановски.




























