Се гланца споменикот на Александар Македонски во центарот на Прилеп (ФОТО)

Деновиве се гланца споменикот на Александар Македонски на плоштадот “Александрија” во Прилеп.

Споменикот на Александар Македонски во Прилеп е поставен во 2006 година. Прилеп беше првиот град во земјава каде беше поставен споменик на големиот македонски војсководец Александар Македонски.

Во таа 2006-та година, честа да го откријат споменикот ја имаа донаторот Ѓорѓија -Џорџ Атанасоски и тогашниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески. На свеченото откривање на споменикот беше присутен и Никола Груевски, тогашен премиер на Владата на Република Македонија со своите соработници, како и голем број други видни личности од општествено-политичкиот, научниот и културниот живот на Македонија.

Во чест на подигнувањето на споменикот градоначалникот Марјан Ристески, меѓу другото рече: „Градот под Марковите кули, од овој момент е и градот на Александар Македонски. За овој великан, изминативе години, како историска личност, човек и војсководец се напишани многу текстови, снимени се многу филмови, се дебатирало безброј пати, но само донаторот Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски и Прилеп направија нешто што ќе биде незаборавно грандиозен споменик на Александар Македонски.

Со склучувањето на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција, ние се обврзавме и дека Александар е „историска фигура од античката Хеленска историја и цивилизација и дел од светското културно-историско наследство“.

Властите во два наврати го тестираа трпението на прилепчани поставувајќи табли на кои пишуваше:

“Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство”, но истите кратко издржаа.





Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.