СДСМ Прилеп: “Советниците на ДПМНЕ одбија да ги наградат пожарникарите и да доделат финансиска помош за штетите од невремето”

Советниците од владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ во Советот на Општина Прилеп денеска не ги поддржаа предлозите на СДСМ и коалицијата за еднократна парична награда, во висина од една месечна плата, за пожарникарите од ТППЕ Прилеп, како и за финансиска помош за граѓаните погодени од неодамнешното невреме.

Како што соопштија од СДСМ Прилеп, предлогот предвидувал пожарникарите да добијат еднократна награда во висина од една месечна плата, имајќи го предвид нивниот ангажман во справувањето со големите пожари во Мариово.

Од опозициската партија посочуваат дека пожарникарите деноноќно биле на терен и со својата пожртвуваност придонеле за заштита на животот и имотот на граѓаните и спречување на дополнителни штети.

Советниците од ДПМНЕ, според СДСМ, не го прифатиле ниту предлогот за доделување финансиска помош во висина од 7,5 милиони денари за штетите предизвикани од невремето што на 24 август го зафати атарот на селата Мажучиште, Мало и Големо Коњари.

Од СДСМ тврдат дека невремето предизвикало значителни штети врз земјоделските култури, поради што побарале општината да обезбеди финансиска поддршка за погодените жители.

Од опозициската партија ја критикуваат одлуката на советничкото мнозинство и ја доведуваат во прашање, како што велат, „грижата“ на локалната власт за пожарникарите, земјоделците и граѓаните на Општина Прилеп.

https://www.facebook.com/photo?fbid=1374756704830009&set=a.278309981141359




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.