РК Прилеп вчера стигна до првата победа во ракометната Супер лига сезонава.
Со резултат 29-34 ракометарите на РК Прилеп предводени од четворицата Грузијци се вратија од гостувањето кај екипата на Работнички, на полувреме се замина со 15-17.
Работнички одржуваше минимално водство до пред крајот на првото полувреме, кога прилепчани направија пресврт, а потоа водството на семафорот до крајот го имаше само една екипа.
Во еден момент прилепчани водеја и со 8 гола разлика, но кон крајот на натпреварот Работнички со серија од 4 погодоци се доближи на 4 разлика. Сепак, квалитетот беше на страната на РК Прилеп кои не дозволија изненадување.
Одлични во тимот беа тројцата Грузијци, искусниот Реваз Чантурија, Хазеин Рустамов и Мириан Гавашелишвили, а на голот извонреден беше четвртиот Грузиец, Зураб Цинцадѕе.
Свој придонес во победата дадоја и Филип Чурлевски, како и Давор Шокоски.
Добрата игра на екипата на Прилеп и пред се’ поголемото искуство на нашиот тим се главните виновници за првата победа на Прилеп, а и првата победа на Горан Кузманоски како тренер во Супер лигата.
Следниот натпревар екипата на Прилеп ќе го одигра на домашен терен против екипата на Младост 1977.