Пpoтecт и почеток на штpajк на вработените во прилепски „Еурокомпозит“

Шеесетината вработени во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ повторно се собраа на протест пред фабриката, прекинувајќи ја работата и барајќи си ги своите права. Тие велат дека сѐ уште не ги зеле сите плати за повеќе од четири месеци, ниту им е извесна иднината. Инаку, 154 вработени заминаа технолошки вишок и на сите со закон им е овозможена исплата на заостанатите придонеси. Сега голем проблем имаат вработените. Велат отсега стапуваат во штрајк со порадикални мерки.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот во „Еурокомпозит“, штрајкот и радикалните мерки се поради тоа нема никаква најава што ќе се случува со вработените.

-Имаме најавено од денеска генерален штрајк и почнуваме со порадикални мерки со протести по улиците и собирање пред Владата. Во последниве четири месеци зедовме во просек вкупно 30-ина илјади денари. Немаме никаква работа. Упатуваме апел до Владата под итно да се најде работа од Министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Доколку не се најде такво решение, подобро е да се стави клуч на вратата на „Еурокомпозит“. Бараме под итно да ни се исплатат по 30.000 денари за да почнеме со работа. Жално е кога сите се борат за зголемување на платите, ние се бориме за минимална плата, рече Богданоски.

Помина една година кога 154-ица работници заминаа технолошки вишок, а од ветувањата дека ќе се најде инвеститор и оти ќе се исплатат побарувањата нема ништо, наведуваат работниците.

– Мора да се каже дека и за оние кои заминаа технолошки вишок и за нас, 63-јца кои останавме да работиме, со Закон се реши прашањето за заостанатите придонеси. До септември се платени. Но ние продолживме со работа, а не ни е средено со платата и неизвесна е иднината. Ако вака се продолжи, повторно треба да ја молиме Владата да ги решава придонесите, изјави Богданоски.

На менаџментот му се дадени роковите кои ги бараше, но ништо не е решено. Затоа, како што велат вработените во „Еурокомпозит“, мора да се преземат порадикални мерки.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.