Протоереј Љупче Петрески со искрено писмо до ЕУ

(Фејсбук статус на Протоереј Љупче Петрески)

“ДРАГА ЕУ

Ви пишувам од Македонија, земјата која чека и моли датум за преговори, за еден ден, во иднина, да стане дел од Вашето семејство.

Почитувана ЕУ, доколку навистина ја сакате мојата земја, барем малку, тогаш Ве молам, немој да и’ давате датум за почеток на преговори. Знам, добро знам дека датумот за преговори не значи и членство, но, мојата земја не заслужува ниту датум за преговори. Навистина го мислам ова. Нека не Ве чуди оваа молба а ќе видите и зошто!

Драга ЕУ, мојата земја не е „порасната“ за да седне на иста маса со Вас. Македонија е едно големо буниште и тушла држава (кога го велам ова мислам на државата како апарат). Во неа ништо не функционира како што тоа функционира кај Вас. Тоа што Вам Ви го прикажуваат е голема лага. Тоа е привид и е само за Вашите очи. Речиси ниту една институција не функционира на потребното ниво. Се’ е закочено. Здравствениот систем се распаѓа. Нема елементарни услови за лекарите да им пружат лекарска помош на пациентите. Судството, со чесни исклучоци, е корумпирано до „коска“ и претставува алатка на власта. Секојдневно слушаме за партиско-судски спреги.

Не сите се еднакви пред законите, всушност во нашата држава тие не функционираат.
Нашите политичари уште од мали нозе се задоени во духот на митото и корупцијата. Впрочем, мнозина од нив, кога требало да се родат, барале мито за да излезат од мајчината им утроба. Кај нас ништо не функционира без мито. Местењето тендери е најнормална и секојдневна работа. Локалната власт е раководена од бескрупулозни локални мафијаши. Централната власт исто така, само од уште поголеми мафијаши. Со еден збор, во мојата земја секогаш е пролет за организираниот криминал.

Речиси ниту едно вработување во државните институции не може да помине без партиска книшка и неколку илјади евра.
И што ли уште не! Впрочем, се’ е привид во мојата држава, ако воопшто може да се нарече држава.
Во мојата држава од страна на политичарите лагата се пропагира како највисока морална норма а вистината е ничкосана и оцрнета како најниска морална норма.

Зарем мислите дека сето ова ќе се промени ако и’ дадете датум за преговори?
Секако дека нема да се промени. Не можете преку ноќ или за 3-4 години да го промените грабачкиот менталитет на нашите политичари. За наше, а се разбира и за Ваше добро драга ЕУ, треба да почекате овие и вакви политичари да ги снема од нашата политичка сцена а на нивно место да дојдат нови генерации кои нема да бидат „заразени“ со вирусот на криминалот и митото кој го носат нивните претходници, односно сегашниве политичари.

Затоа, имајќи го предвид сето ова, велам дека доделувањето датум за преговори на мојата држава е исто како на слаб студент да му подарите висока оценка или да му подарите незаслужена диплома. Колку тој студент во иднина ќе биде способен да одговори на работните обврски што ќе се бараат од него. Ниту малку! Ќе биде неспособен и никогаш нема да го достигне нивото на своите колеги кои добиле заслужени оценки и дипломи. Зарем некој со купена диплома по право може во иднина да биде добар адвокат или судија? Дали може некој, со купена диплома од медицина, да лекува или оперира пациенти?

Така е и со мојата држава, драга ЕУ. Таа нема никаква заслужена диплома. За нејзино добро се’ додека не ги ислуша предавањата, не и закажувајте испитни сесии за полагање испити (поглавјата од преговорите). Или, ќе употребам и друг пример, не ја запишувајте во осмо одделение, кога има наполнето години колку што се потребни само за четврто одделение. Оставете ја нормално да порасне. Не ја брзајте, оти, нашиот народ мудро рекол дека „брза кучка, слепи кучиња раѓа“. Впрочем, драга ЕУ, видовте и Вие сама, искусивте на Ваша кожа, со нашите соседи, што значи да вработите некој со купена диплома.

Ви благодарам, драга ЕУ!

Искрени поздрави од отец Љупче Петрески!”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.