Градоначалникот Дејан Проданоски презентираше отчет за сработеното, како што кажа, во Прилеп се градат нови улици, мостови, водоводни мрежи, игралишта, фабрика за отпад, игралишта, или проекти над 12 милиони евра….
Во продолжение интегрален текст од неговата прес конференција:
Денес пред вас го презентирам отчетот за сработеното во изминатата година. Нашата цел беше јасна: Прилеп да се менува со конкретни проекти што се гледаат и што го подобруваат секојдневието на граѓаните.
Во партнерство со Владата и ресорните министерства, реализираме 18 проекти, поддржани со околу 12 милиони евра. Шест се завршени, пет се во завршна фаза, а седум се на почеток на реализација.
Еден од најзначајните е кружниот тек кај мостот „Табана“, вреден повеќе од 2 милиони евра. Со него, го решаваме едно од најголемите сообраќајни тесни грла во градот. Проектот вклучува санација и проширување на мостот, нова траса, регулација на коритото, осветлување и сигнализација.
За локалните улици и патишта, обезбедивме 168 милиони денари за три години, од кои 60 милиони до крајот на оваа година. Го реконструиравме тротоарот на „Кеј 1-ви Мај“, а на „11-ти Октомври“ се обновуваат тротоарите, велосипедските патеки и осветлувањето. На повеќе од 20 локации поставуваме средства за забавување на сообраќајот.
Во индустриската зона „Металец“ градиме 973 метри патна мрежа, а кај „Жито Прилеп“ градиме сервисна улица од 392 метри. Улицата „Победа“ и мостот се реализираат со повеќе од 100 милиони денари. Следуваат и улиците „Трајко Николоски“ и „Орде Чопела“, проекти вредни повеќе од 180 милиони денари.
Инвестираме и во сигурно водоснабдување. На „Кузман Јосифоски“ ги заменивме старите азбестни цевки. Во Карабдалица, по повеќе од 70 години, обновивме 1.240 метри мрежа, со 124 приклучоци и 7 хидранти. Во тек се нови мрежи во Селце и Лениште, вредни 25 милиони денари.
Го уредивме и јавниот простор. На плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ обновивме 2.100 квадратни метри. Во Типската населба изградивме детско игралиште, започнуваме уште едно, а ново игралиште следува и зад Участакот. Во ООУ „Рампо Левката“ изградивме спортско игралиште и ја обновивме фасадата. Во Точила ги реконструиравме терените за фудбал, кошарка и одбојка и поставивме фитнес-реквизити.
За почиста животна средина, изградивме фотонапонска централа за пречистителната станица. Ќе поставиме полуподземни контејнери на 21 локација и јавни тоалети на три локации во центарот. Посебна гордост е првата фабрика за селекција на отпад од ваков тип во Македонија, со капацитет до 10 тони на час. Работиме и на регионален систем за управување со отпад.
Ја модернизираме и општината. Отворивме Центар за услуги со повеќе од 1.000 дигитални услуги – над 350 за граѓаните и повеќе од 700 за компаниите. Подготвуваме нов Генерален урбанистички план, 18 детални планови за градот и уште 30 за околината и населените места.
Не ги заборавивме културата, спортот и младите. Средствата за културни манифестации ги зголемивме од 4 на 12 милиони денари, а за спортските клубови издвоивме 14,5 милиони. Формиравме Локален младински совет и отворивме музичка соба во НУЦК „Марко Цепенков“. Само во трите летни месеци поддржавме повеќе од 160 настани.
За првпат обезбедивме по 3.000 денари за секое запишано прваче. Отворивме Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење. Како најинклузивна општина, продолжуваме и со нов Дневен центар за лица со попреченост, за индивидуален третман.
Почитувани,
Ова се резултати од заедничка работа на Општината, Советот, јавните претпријатија, службите и нашите партнери во Владата и институциите. Не тврдиме дека сè е завршено. Пред нас има уште многу работа и предизвици. Но правецот е јасен: модерен, функционален и достоинствен Прилеп за сите генерации.
Продолжуваме одговорно, посветено и со уште посилно темпо.
























