Хуманоста нема граници, не препознава пречки на мориња и океани, затоа што, како што вели една поговорка, “Раката што дарува не се суши”. Така, не е бариера далечината од илјадници километри. Прилепчанката Билјана Миленкоска Јуруковски од Австралија во земјава упати донација за сиромашните семејства. Таа повеќе од две децении живее во Сиднеј – објави неделниот весник “ЗЕНИТ”
Нејзината пасија за уметничка фотографија, ја претвори во хуман чин. Дел од колекцијата на фото дела, дури и наградени, а со мотиви на традициите на разни племиња забележани во нејзиниот објектив, ги изложи на аукција.
Собраните средства од над 3.000 евра ги испрати во земјава за ублажување на проблемите на социјално загрозените семејства.
Ова нема да биде последен, дар, туку вродениот инстинкт да се помага продолжува со процесот на продажба на други слики од нејзината богата збирка, а средствата пак ќе завршуваат кај ранливите категории граѓани во земјава.
Нејзиниот ангажман веќе го прифатиле и други Македонци кои покажале широкоградост за хуманитарна поддршка.
Преку хуманитарната организација на МПЦ Свети Спас, поделени се прехранбени производи: макарони, брашно, грашак, ориз, грав од домашни производители на 350 загрозени семејства, од кои 20 се од прилепско. Донацијата ја организираше и успешно ја спроведе нејзиниот татко и’ Цветан со помош на отецот Оливер Петровски.
-Решив фотографиите од Монголија и Африка да се продаваат. Сто отсто од продажбата се наменети за храна за социјално загрозените семејства во Македонија. Досега се продадоа три фотографии за 3900 австралиски долари – вели Миленкоска Јуруковски.
Мотивот за донација и’ набуил во времето кога целиот свет минува низ тежок период на пандемијата.
-Се обидувам како човек и фотограф да дадам поинакво значење на фотографијата. Сакав фотографиите да бидат мост меѓу уметноста и хуманоста. Затоа ги поставив и продолжувам да поставувам фотографии на продажба. Верувам дека треба посилно да се афирмираат вредностите со кои сме воспитувани, вредности на интегритет, почитување и помагање на луѓето, на кои им е потребна помош. Во време кога вредностите на индивидуалност, себичност и само “јас”, земаат силен замав, на помладите генерации треба да им дадеме пример за хуманост. Продолжувам секоја недела да поставувам фотографија за продажба и доколку се продадат, сите средства ќе се упатат за помош на семејства преку хуманитарната организација Св. Спас – објаснува Миленкоска Јуруковски.
Таа веќе го заинтригирала друштвото Фаланга од Сиднеј. По нејзините стапки веќе е контактирана хуманитарна организација. И фотографот Наце Попов од македонско потекло ги нуди на дијаспората фотографиите од Македонија. Дел од средствата ќе бидат насочени за помош во татковината.
Организацијата Свети Спас веќе пет години е во мисија на помош на ранливите категории граѓани. За протерејот. Оливер Петровски донациите не познаваат вера или нација, туку луѓе на кои им е тешко и им е потребна помош. Активистите се ангажирале во обезбедување на заштитни маски за поддршка на здравствените и другите витални служби пролетоска, потоа бесплатни оброци за здравствените работници, овошје за болните и топли чаеви за дежурните службеници за време на полицискиот час.
Билјана Миленкоска Јуруковски е минатогодишен добитник на Третоноемрската награда на Прилеп.
Извор: “ЗЕНИТ”