Прилепчани ве поздрави Парма! На денешен ден пред 21 година во Македонија гостуваа Буфон, Канаваро, Турам, Аморосо, Ди Вајо…

14 септември 2000 година и ден денеска е еден од најголемите датуми кога фудбалот во Прилеп е во прашање.

Во рамките на првото коло од Купот на УЕФА, Победа се соочи со ѕвездениот тим на калчолигашот Парма. Иако црвено-белите беа поразени во двата дуели, љубителите на фудбалот и денес се сеќаваат кој се гостуваше тогаш во Македонија.

Во редовите на Парма тогаш беа: Џиџи Буфон, Фабио Канаваро, Лилијан Турам, Серџо Консисао, Аморосо, Саво Милошевиќ, Жуниор и Марко Ди Вајо.

Оваа ѕвездена екипа против себе го имаше тимот кој на Прилеп му го донесе првиот трофеј во натпреварувачката 2000/2001 година освојувајќи го Купот на Македонија.

Во редовите на црвено-белите тогаш беа: Боби Тенев, Панче Ќумбев, Игор Николаевски, Благојче Нацев, Жилсон, Раде Каранфиловски, Панче Ристовски, Тони Наумоски, Николче Здравески, Дарко Диниќ, Сашко Крстев, Тони Мегленски, Горанчо Тодоровски и Влатко Стојчевски.

Натпреварот кој тогаш се одигра на Градски стадион во Скопје пред 9.500 публика, заврши со триумф на Италијанците од 0:2.

Стрелци на головите беа: Серџо Консисао во 23-та минута и Марко Ди Вајо во 74-та.

Парма на својата официјална Фејсбук страна денеска потсети на дуелот против прилепчани, а во преден план на фотографијата се легендата на ФК Победа и македонскиот фудбал, Панче Ќумбев со Саво Милошевиќ.

Како ли само моќно изгледале “Мајмуните”… морници по цела кожа….






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.