Во време кога спомените од поранешна Југославија сè повеќе избледуваат, прилепчанецот Илчо Наумоски посветено работи на нивно зачувување. Воден од љубопитност, почит кон минатото и искрена желба историјата да не биде заборавена, тој создаде импресивна колекција од околу 1.500 експонати кои сведочат за еден специфичен начин на живот. Иако не е роден во тоа време, Наумоски уште од детството бил опкружен со предмети што ја разбудиле неговата носталгија и интерес, кои со текот на годините прераснале во вистинска страст. Денес, од една скромна витрина, неговата колекција се разви во домашен музеј исполнет со ордени, медали, фотографии, музички плочи и ретки предмети поврзани со ликот и делото на Јосип Броз Тито, претставувајќи уникатен мост меѓу минатото и сегашноста.
Како започна вашата љубов кон собирањето предмети од поранешна Југославија?
-Мојата љубов кон колекционерството започна со љубопитност и почит кон минатото на некое убаво време. Иако не сум роден во тоа време, уште од дете бев опкружен со предмети од поранешна Југославија во мојот дом, што подоцна го разбуди мојот интерес и носталгија. Со текот на времето, таа љубопитност прерасна во вистинска страст за зачувување на дел од историјата.
Кој беше првиот предмет во вашата колекција?
-Започнав најпрво со собирање на ордени и медали доделувани на воени и цивилни лица за различна заслуга. Прво беше орден за заслуга на народ и медал од ЈНА.
Што ве мотивираше да создадете домашен музеј и кога официјално започна оваа иницијатива?
-Мотивацијата произлезе од желбата овие предмети да не бидат заборавени. Сакав да создадам простор каде што историјата ќе биде видлива. Иницијативата официјално започна пред околу 5 години кога бројот на предмети се зголеми и почувствував потреба да ги организирам во музејска форма почнав од една витрина до цела соба.
Колку предмети содржи приближно вашата колекција и кои категории се најчести?
-Колекцијата се состои од околу 1500 експонати. Има предмети од различни мотиви како што се: ордени и медали, плакети, значки, сувенири, музички плочи, слики, фотографии, албуми од конгреси, поштенски марки, разгледници, списанија, весници, скулптури, капи од различни државни и воени служби, електронски уреди и апарати, гумени играчки за деца, прехрамбени амбалажи, школски прибор… и уште многу од секојдневните предмети што го отсликуваат животот во тоа време.
Кои предмети би ги издвоиле како најретки или највредни?
-Секој предмет си има своја вредност тешко е да се направи конкретна поделба, но како најретки и интересни се неколку предмети за кои е тешко да се набават. Тие се: лустер од титовата вила на Златибор, честитка со оригинален потпис на Тито, мени за вечера од резиденцијата на Караѓорѓево од 1977 година.
Потоа, неотворени пури од Тито, една пура која има интересна историја во 1978 година. Имено, при посета на Тито во касарната “Постојна” во Словенија, еден војник успеал да ја земи и да ја зачува пурата, токму тогаш кога Тито ја фрлил на земја.
Поседувам и чинија од трпезаријата на Извршно Савезно Вече во Белград, во која поминале голем дел високи преставници на држави при посета на Југославија, како што се: Кралицата Елизабета, Нил Амстронг, Џим Картер и многу други.
Тука е и значката со ликот на Тито, која ја носеле членови на делегација при посета на Северна Кореја 1977година. Мала значка со грбот на Југославија, која ја носеле сите високи државни преставници кои биле на погребот на Тито на 8. мај 1980 година. Сервис за кафе со ликот на Тито издаден од Баварија-Германија, по повод смртта на Тито. И чаура испукана и гравирана со датумот по повод смртта на Тито, 8 мај 1980 година. За нив има интересен податок што ни кажува дека биле испукани 1850 чаури од сите касарни во Југославија. Тие чаури се собрани и чувани, но со текот на времето голем дел се уништени, а некои завршиле во приватни колекции.
Како ги стекнувате експонатите?
-Ги стекнувам на различни начини – најчесто преку Интернет од различни страници за продажба од цел Балкан, преку колекционери, пазари за стари работи, но мал дел и преку донации од луѓе кои сакаат нивните спомени да продолжат да живеат.
Дали постои одредена тема или бренд на кој сте особено посветени?
-Немам конкретна тема, собирам се’ што е произведено и користено во Југославија, но имам интерес за одликувањата и плакетите на воени и цивилни лица. Сите предмети и брендови од тоа време се интересни и посебни, бидејќи тие најдобро ја раскажуваат приказната за еден начин на живот.
Колку е тешко да се зачуваат овие предмети?
-Зачувувањето е предизвик. Сите предмети си бараат услови тие се поставени во стаклени витрини во сув простор, заштита од светлина, треба редовно чистење и внимателно ракување, за да се зачува нивната оригинална состојба.
Какви се реакциите на најблиските и пријателите?
-Реакциите се претежно позитивни и изненадени. Многумина се навраќаат на спомените од детството, се сеќаваат, ги препознаваат предметите. Но, има и луѓе на кои им е чудно како човек кој не се родил и не живеел во тоа време на Југославија, да има голема страст да ги собира и чува од заборав.
Дали имате омилен експонат и зошто?
-Да, имам неколку омилени експонати. Лустерот од Титовата вила, сервисот за кафе со ликот на Тито, и чаурата по повод смртта на Тито. Тие имаат најголема вредност за мене.
Дали планирате да го проширите или да го официјализирате?
-Во иднина планирам да го проширам и да го направам музејот подостапен за јавноста, за да можат повеќе луѓе да дознаат за оваа историја.
Каква порака би сакале да им испратите на младите?
-Да го ценат минатото и да учат од него. Да ги негуваат моралните и културните вредности. Нека почитта, кутлурата и дисциплината бидат на прво место за успешна квалитетна иднина. А овие предмети да му бидат сведоци на едно време и начин на убав живот.
Колку ве прави среќни ова хоби?
-Ова хоби ми носи огромна радост. Секој нов предмет што го наоѓам е како да откривам дел од заборавена приказна. Тоа чувство е непроценливо и ме мотивира да продолжам.











































