Фудбалот повторно ќе покаже дека е многу повеќе од спорт. Оваа сабота, натпреварот меѓу прилепска ГФК Победа и Питу Гули од Крушево ќе биде во знакот на хуманоста, солидарноста и поддршката за две семејства на кои им е потребна нашата помош.
Во рамките на 10. коло од Третата македонска фудбалска лига – Регион 4, двата тима ќе ги одмерат силите на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, но овојпат најважната победа ќе биде онаа што сите заедно ќе ја извојуваме надвор од фудбалскиот терен – за Никодим и Михо.
Од ГФК Победа упатуваат повик до навивачите, симпатизерите, граѓаните и сите пријатели на клубот да дојдат во што поголем број и со своето присуство да ја поддржат хуманитарната иницијатива.
Влезот на стадионот ќе биде слободен, а на влезовите ќе бидат поставени кутии за донации. Сите собрани средства рамноправно ќе бидат поделени меѓу семејствата на Никодим и Михо.
Наместо само поддршка од трибините, оваа сабота Победа ги повикува прилепчани да покажат и големо срце. Секој дојден посетител, секоја донација и секој гест на солидарност можат да направат разлика.
Сабота, 14 ноември, во 13:30 часот – стадион „Гоце Делчев“.
Да покажеме дека Прилеп знае да биде обединет кога е најпотребно. За Никодим и Михо!

























