Прилепски времеплов: Некогаш било калдрма, но и тогаш и денес била една од најпрометните улици (Фото)

Жива беше калдрмената улица или сегашниот цветен “сокак” во Старата чаршија. Таа беше една од главните влезови во чаршијата и во градскиот пазар. Секојдневно се “точкаа” арабаџиски коли, амали, маски со кошеви и натоварени магариња, со по некој велосипед и автомобил. Таа беше главна артерија, зашто водеше кон Тризла и Аличаир.

На денешната цветна улица се најдуваше и функционираше градската бања. Таа особено беше “проодна” со свекрви и снаи во сабота, кога се одеше на капење во врелите одаи, како сауни и претсобјата, затоплени со мангали.

Можеби плочникот кај поранешниот хотел Јадран и корзото со “градот” ја овозможуваа неколкуте еблебеџии, бербери или пак месната канцеларија со “голема” сала за средби на граѓани и читална и местото за првите игранки в чаршија. Вниманието го свртуваше и дуќанот за производство на газози.

Мина времето, се смени физиономијата. Калдрмата се претвори во бекатонски плочки, а околината се дизајнира со цветни жардинери, ресторани, бутици и кафетерии.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.