Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ на 7 октомври премиерно ќе ја изведе претставата „Животинска фарма“, во режија на Ќендрим Ријани.
Претставата, според култното дело на Џорџ Орвел, ќе биде изведена на камерната сцена со почеток во 20:00 часот.
Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и Ќендрим Ријани, а асистент на режија е Митоска-Ѓорѓиевска. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, додека музиката е на Томе Темелкоски.
Во претставата настапуваат Зоран Иваноски како Наполеон, Димитар Ѓорѓиевски како Пискало, Игор Трпчески како Снежец, Илија Волчески како Боксер, Даниела Иваноска како Детелинка, Наташа Ачански како Мирна, Марија Спиркоска-Илијеска како Гена, Јасмина Мицовска-Станкоска како Роса, Михајло Миленкоски како Бенџамин, Александар Тодески како Мојсеј и Томе Темелкоски како Минимус.
Оваа адаптација ја пренесува Орвеловата приказна во современ контекст и се занимава со механизмите на моќта, манипулацијата и контролата врз општеството. Преку приказната за животните кои се борат за подобар и поправеден свет, претставата отвора прашања за тоа како идеалите можат да бидат изневерени, а довербата и вербата во подобра иднина да се претворат во средство за покорност.
„Животинска фарма“ останува силна критика на тоталитаризмот, но и потсетување на кревкоста на слободата и еднаквоста.

























