Прилепскиот ракометен стратег Горан Кузманоски ја продолжува својата тренерска кариера во странство. Кипарскиот ракометен клуб Строволу официјално го промовираше Кузманоски за нов главен тренер на машкиот тим.
Кузманоски, кој e од Прилеп, е добро познато име во македонскиот ракомет, како поранешен репрезентативец, така и како тренер кој работи со млади категории и сениорски екипи. Во играчката кариера настапуваше на позицијата среден бек, а го носеше и дресот на македонската репрезентација, со која има запишано 25 настапи и 55 голови.
По завршувањето на богатата играчка кариера, Кузманоски се насочи кон тренерската работа. Беше предводник на РК Прилеп 2010, а потоа работеше и во РК Скопје 2020 и РК Бутел Скопје. Паралелно со клупските обврски, тој е и селектор на машката кадетска репрезентација на Македонија до 18 години, со која обезбеди пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во Србија во летниот период.
Од Строволу порачаа дека се среќни што го добиваат Кузманоски како дел од нивното семејство и му посакаа успех во новиот предизвик.
Новиот ангажман е уште една потврда за квалитетот на прилепската ракометна школа и за имињата кои од овој град оставаат трага во македонскиот и европскиот ракомет.
























