Пригодни подароци за секое прваче во општина Крушево – Градоначалникот Чонески во обиколка на училиштата во градот и населените места

Со особена радост, градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, ги посети најмалите ученици – крушевските првачиња, по повод почетокот на новата учебна година.

Чонески ги посети двете централни основни училишта, како и дел од подрачните училишта, каде лично им посака среќен и успешен почеток на нивниот образовен пат.

За најмладите ученици беа обезбедени и пригодни подароци, како мал знак на внимание и поддршка за нивниот прв чекор во светот на знаењето.

„Како градоначалник, моја обврска и приоритет е создавање подобри услови за образование, поддршка на учениците и наставниот кадар и градење општина во која секое дете ќе има можност да расте, учи и се развива во сигурна и мотивирачка средина“, порача Чонески.

Тој посочи дека вложувањето во образованието претставува една од највредните инвестиции и најави дека Општина Крушево ќе продолжи посветено да работи на подобрување на условите во училиштата и поддршка на учениците.

За крушевските првачиња, пак, првиот училишен ден претставува почеток на едно ново и возбудливо поглавје – исполнето со нови знаења, пријателства и незаборавни моменти.

На сите првачиња им посакуваме многу успех, љубопитност, нови пријателства и безброј убави моменти во училишните клупи. Нека им биде среќен првиот училишен чекор!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.