Премиерната изведба на „Татко“ од Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски, заврши со долготрајни аплаузи и топли реакции од публиката. Силната драмска приказна, интензивната сценска игра и емоциите што ги донесе претставата оставија впечаток кај присутните, кои по завршувањето на изведбата ја напуштија салата понесени од своите импресии.
Премиерата на 10.ноември беше дел од официјалната програма на Општина Битола по повод одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола. Со оваа премиерна изведба, театарот даде свој придонес кон одбележувањето на еден од најзначајните датуми во историјата на градот.
Освен режијата, Мицевски стои и зад сценографијата и костимите. Во претставата играат: Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Соња Михајлова.Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски, гардеробер Лилјана Китановска.
Се работи за длабоко потресна психолошка драма за распадот на интимноста, осаменоста, недовербата и кревките граници на моќта во семејството. Каде исчезнува љубовта кога меѓусебното разбирање ќе го заменат сомнежот и борбата за надмоќ? И колку далеку може да оди човекот кога ќе се соочи со сопствената ранливост?
Преку ова безвременско драмско дело, режисерот Благој Мицевски ги отвора прашањата за односот меѓу мажот и жената, за семејните односи и за трагедијата на човекот кој постепено го губи тлото под нозете.
Што се случува со човекот кога ќе остари? Кога љубовта ќе се претвори во борба за моќ, а бракот во бојно поле на кое детето станува најневината жртва?
„Задоволството беше и наше. Нема поголема радост од непосредната реакција на публиката и чувството дека она што го споделуваме од сцената допира до оние за кои го создаваме. Ви благодариме за аплаузот, довербата и заедничката театарска вечер“, истакнуваат од НТБ.
Активностите на НУ Народен театар Битола продолжуваат на 14 ноември, кога се одбележуваат 82 години од постоењето на оваа институција. Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан со свеченото отворање на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, кој годинава ќе започне со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, која токму на отворањето на фестивалот ќе ја има својата прва премиерна изведба во матичната куќа.
Фотографии: Ивона Кочов



























