Прекрасен проект: Виртуелна прошетка низ манастирот Св. Преображение кај село Зрзе

3дружението “Концепт за култура” од Скопје, кое работи на промоција на културно историското наследство на Македонија, во соработка со Министерството за култура, се во процес на изработка на 40 виртуелни прошетки (20 цркви и манастири и 20 археолошки локалитети).

Една од овие виртуелни прошетки е направена во црквата Св. Преображение кај с. Зрзе.

Самиот манастир е изграден врз античка населба, во непосредна близина на манастирот се наоѓа ранохристијанска базилка од V-VI век, а при археолошките истражувања во манастирот е пронајден бакарен крст, енколпион, од X век.

Сето тоа сведочи дека Манастирот Зрзе претставува еден од најзначајните култни простори во Македонија.

Манастирот со црквата Св. Преображение или Св. Спас како што се споменува во некои натписи од средината на XIV, па сè до XIX век е активно монашко жариште.

Според натписот откриен над јужната врата од надворешната страна (испишан околу 1400 г.), основач на најстарата еднокорабна црква од денешниот комплекс е монахот Герман во времето на царот Душан (околу 1346- 1355 г.).

Во 1368/69 ктиторското право било предадено од страна на митрополитот Јован и јеромонахот Макариј, внуците на монахот Греман, на кметот Константин и неговите синови Јаков, Калојан и Димитар.

Фрагментите од првобитниот фреско-живопис, зачувани се само во најниската зона на олтарот.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете ТУКА






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.