По 18 години работа, германскиот „Дракслмајер“ ја затвора фабриката во Србија – без работа остануваат околу 1.100 вработени

По 18 години работење, компанијата „Дракслмајер“ (Draexlmaier) донела одлука за затворање на својот производствен погон во Зрењанин, Србија.

И покрај обидите да се обезбеди нов проект и да се продолжи производството, компанијата не успеала да најде одржливо решение поради големите нарушувања во европската автомобилска индустрија, намалувањето на пазарот и сè посилната конкуренција.

Според планот на менаџментот, околу 1.100 вработени ќе ја напуштат компанијата до крајот на јануари 2027 година. Покрај законски предвидените отпремнини, работниците ќе добијат и дополнителни 385 евра за секоја година работен стаж, на товар на работодавачот.

Целосното затворање на производствениот погон е планирано за март 2027 година, кога и преостанатите вработени би требало да го завршат својот работен ангажман.

Од менаџментот изразиле надеж дека евентуалното закрепнување на автомобилската индустрија во иднина би можело да отвори можност компанијата повторно да се врати во Зрењанин. Притоа, посебно го истакнале квалитетот и стручноста на домашните работници, како и добрата соработка со Република Србија и Градот Зрењанин во текот на сите години работење.

Затворањето на фабриката по речиси две децении претставува значајна промена за Зрењанин и сериозен удар за околу 1.100 работници и нивните семејства.

Инаку, „Дракслмајер“ е присутен и во Македонија, каде што има производствен капацитет во Кавадарци, во кој работат неколку илјади луѓе. Компанијата е еден од позначајните работодавачи во овој регион, па веста за затворањето на погонот во Србија неизбежно го отвора прашањето за состојбите и предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија во Европа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.