Подобри услови, поголема безбедност и работен ангажман – Јанески со отчет за сработеното во КПУ Затвор Прилеп

Директорот на КПД Прилеп, Емил Јанески, во рамки на институционалниот отчет на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги презентираше мерките и активностите реализирани во прилепскиот казнено-поправен дом во изминатите две години.

Според Јанески и ЗНАМ, во овој период во установата биле преземени низа мерки насочени кон подобрување на безбедноста, условите за престој, здравствената заштита, работниот ангажман на осудените лица и условите за работа на вработените.

Како еден од клучните проблеми со кои установата се соочувала пред две години се посочува нарушената безбедносна состојба, поради која во април 2024 година вработените протестираа. Од ЗНАМ денес оценуваат дека по преземените мерки КПД Прилеп е меѓу побезбедните казнено-поправни установи во државата.

Покрај безбедноста, во отчетот се наведуваат и инвестиции и активности за подобрување на условите за престој. Реновирани биле санитарни јазли, обезбедена била топла вода преку соларни панели, а воведен бил и систем за ладење кој, според Јанески, користи природен ресурс од затворскиот бунар без дополнителен финансиски трошок за установата.

Во делот на здравствената заштита, од ЗНАМ посочуваат дека бил ангажиран лекар и биле вработени медицински сестри, додека со поставувањето телефонски говорници бил олеснет контактот на осудените лица со нивните семејства.

Посебен акцент во отчетот е ставен на работниот ангажман и ресоцијализацијата.

Според презентираните податоци, во КПД Прилеп функционираат фарми, се обработуваат околу 19 хектари земјоделски површини и работилници, а преку договори со компании и институции се овозможува дел од осудените лица да бидат работно ангажирани и надвор од установата.

Од ЗНАМ велат дека ваквиот пристап има за цел осудените лица да стекнуваат работни навики и вештини, што би им помогнало при нивната ресоцијализација и враќање во општеството.

Во отчетот е наведено и дека трошокот за исхрана на едно осудено лице изнесува околу 50 денари дневно.

Паралелно со активностите во установата, според Јанески, биле подобрени и условите за работа на затворската полиција, со обезбедување нови униформи и противпожарна опрема.

Емил Јанески беше именуван за в.д. директор на КПД Прилеп во јули 2024 година, а во март 2025 година Владата донесе решение со кое е именуван за директор на Казнено-поправниот дом Прилеп.

Од ЗНАМ порачуваат дека примерот со КПД Прилеп го гледаат како показател за нивниот пристап кон управувањето со институциите – преку подобрување на безбедноста, условите за престој и работа, рационално користење на ресурсите и создавање услови за ресоцијализација.

„Две години работа. Две години резултати“, е пораката со која ЗНАМ го заокружува отчетот на директорот Емил Јанески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.