Победа се врати на врвот: Втор сезонски триумф над Кожув од Гевгелија

Попладнево на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ по сончево и пријатно време и пред околу 2.000 гледачи, фудбалерите на Победа во натпревар од 11 коло на ВМФЛ-Исток го совладаа Кожуф со 3-1,полувреме 2-0.

Според се прикажано на мечот сосема заслужена победа на црвено-белите, втора ова првенство над инаку традиционално незгодниот состав од Гевгелија. По ова коло, а по поразот на досегашниот лидер во Кочани и ремито на Саса во Градско, Победа се врати на првата позиција на табелата.

Победа денес беше поквалитетен противник, посебно во првиот дел. Гостите, несфатливо за сите досегашни нивни изданија во Прилеп, се поставија во тотална дефанзива на 30-тина метри пред голот на Ников.

Црвено-белите долго имаа посед, иницијатива и доминираа на теренот но тешко успеваа да изградат посериозна ситуација.

Се до 20-тата минута кога по соло акција ин пробив по левата страна капитенот Даниел Карчески влезе во казнениот простор и откосо од 7-8 метри со десна нога успеа да го совлада гостинскиот чувар на мрежата, постигнувајќи го вториот овосезонски погодок.

И по водството Победа продолжи да притиска за во 34-тата минута Игор Момировски, со својот гол првенец во црвено-белиот дрес, да зголеми на 2-0. До крајот на првиот дел регистриравме и обид на Бојан Спиркоски, но Ников одбрани.

Во вториот дел Кожув како да се отвори и полека ја преземаше играта и тоа се чини пред се по опуштањето на прилепчано по убедливото водство од првиот дел. Првата закана гостите ја имаа во 48-та минута кога нашиот голман Даниел Котевски успеа да го одбрани ударот одблиску на Терзиев.

Шансата за рано затворање на мечот со трет гол и тоа зицер од 2-3 метри не ја искористи Петар Најдов во 57-та минута. Казната за ова промашување стигна во 70-тата минута кога од навидум безопсасна акција топката стигна до Калевски кој умешно ја затресе мрежата на Победа за 2-1.

По примениот гол црвено-белите како да се трхнаа заиграа многу посериозно и со полна контрола и посед не дозволија на гостите сериозно да се заканат. А во самиот финиш од една брза контра Бојан Спиркоски го програ Дарко Ангелески кој несебично асистираше на Давид Јошески кој погоди со лева од 14-15 метри за конечни 3-1. Ова е негов 4-ти гол овој шампионат.

До крајот на есенската полусезона остануваат уште 4 кола во кои Победа најпрвин во 12-тото коло наредниот викенд гостува на Саса, во 13 коло на 4 декември дома игра со Слога, потоа во вторник на 7 декември гостува на Осогово во Кочани и во последното есенско 15 коло на 11 декември во Прилеп ќе биде домаќин на Локомотива.

Победа: Котевски, Дигаловски, Стомнароски, Петкоски, Бошески (од 60 мин Митрески), Карчески, Петејчук (од 78 мин Дебрешлиоски), Ангелески, Момироски (од 87 мин Дунимаглоски), Најдов (од 60 мин Јошески), и Б.Спиркоски.

Резултати од 11 коло: Победа-Кожуф 3-1, Беласица-Братство 2-0, Детонит-Кит Го 1-0, Локомотива-Саса 0-0 и Осогово-Слога 3-0.

Табела: Победа 26, Слога 25, Саса 21, Беласица 20, Кит-Го 16, Осогово 14, Детонит 13, Кожуф 12, Локомотива 5 и Братство 4 бода.

Во следното 12 коло во сабота на 27 ноември ќе играат: Саса-Победа, Братство-Осогово, Слога-Локомотива, Кожуф-Детонит и Кит Го-Беласица

Петар Димоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.