Перез за првпат се огласи: Тажен сум, не ни беше дадена шанса да објасниме

Претседателот на Реал Мадрид и првиот човек на проектот за Суперлигата, Флорентино Перез за првпат се појави во јавноста откако натпреварувањето кое го замисли доживеа фијаско во само 24 часа.

Клубовите еден по друг почнаа да се откажуваат. Почна од англиските екипи, а на крајот официјално не се откажаа само Реал Мадрид и Барселона.

„Претходната ноќ беше многу долга, бевме на линија до еден час по полноќ. Со години работевме на овој проект и можеби не објаснивме се како што треба, но никој не ни даде шанса да објасниме. Тажен сум и разочаран. Три години вложивме во проектот Суперлига за да се бориме со тешката економска ситуација“.

Актуелниот претседател на Реал Мадрид е голем противник на сегашниот систем на Лигата на шампионите

„Форматот во овој момент во Лигата на шампионите е застарен и интересен е само од четвртфиналето. Има натпревари кои никој не ги гледа. Од овие 12 екипи ние минатата година изгубивме 650 милиони евра. Очигледно е дека форматот не функционира. Означени бевме како некои кои му мислат лошо на фудбалот, а ние всушност се обидувавме да го спасиме. Сакавме да креираме нов формат со најдобрите клубови во светот кој би се играл од август до јуни, тоа нас ќе ни донесеше многу повеќе пари за целата фудбалска индустрија“

Сепак не се откажува.

„Ако овој проект не успеа, ќе успее друг. Сите 12 клубови потпишаа договори и проектот е остварлив без германските и француските клубови. Можеби ќе направиме одредени промени да влегуваат по четири најдобри екипи од Англија, Шпанија…Важно е големите клубови да играат едни против други за фудбалот повторно да привлекува деца“, порача Перез.

Потенцираше дека Јувентус и Барселона се цврсто со него.

„Јувентус и Барселона се со нас, Суперлигата не може да се напушти туку така. Никого нема да тужиме, никој нема да плати казна. Скоро сите се уште сме во проектот. Ќе се обидеме да го решиме проблемот“, заврши Перез.








Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.