Отворена изложбата “Светлина” од прилепската уметница Марта Макеска

Синоќа, 27.08.2021, во ликовната галерија на ЦК Марко Цепенков во Прилеп, беше отворена изложбата “Светлина” од прилепската уметница Марта Макеска која се претставува со платна и минијатури, изработени во техника акрил на платно и колаж.

За нејзиното творештво говореше Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека припаѓа на правецот симболичен експресионизам.

-Преку експресивниот уметнички израз, бојата преку чистата форма и силниот интензитет добива на предност на сметка на формата на композицијата.

Тргнувајќи од различните симболи, како што се културно историските споменици, кои го симболизираат многу вековниот опстанок на градот, крстот кој ја симболизира историјата на православната христијанска религија, колажните композиции со претставите на селаните и додадената елементи – везовите од традиционалната македонска народна носија, како и претставите со мотивот мајка со дете, како симбол на мајчината љубов, јасно одѕвонува замислата на уметницата.

Желбата за опстанок, истрајноста и трпеливоста, генерациски предавање на мудроста, претставуваат различни одлики со кои што се карактеризира мајчината љубов и нејзината заштитна улога – таа претставува ѕвезда водилка или зрак Светлина која го осветлува патот низ темнината – рече на отворањето на изложбата Димеска.






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.