Оливера Ќирковиќ денеска беше во Прилеп: “Жената змеј” која од кошаркарка стана дел од голема kpиминaлна група (Видео)

Денеска во продажниот салон на “Викели” – Прилеп, гостууваше Oливера Ќирковиќ, авторка на книгата “Јас Пинк Пантер”.

Авторката беше присутна во просториите на “Викели” од 13.00 до 20.00 часот, a прилепската публика имаше можност да се запознае со авторката, да постави прашања и да добие потпис на книгата.

Нејзината книга, како што признава и самата, е животна приказна, но со елементи на најдобрите акциони филмови и трилери и длабоки психолошки драми.

Книгата е всушност драматична приказна за храброста и стравот, моралот и неморалот, верувањето на младешкиот ум склон на утопија, како и за дното во кое лесно се паѓа и во кое длабоко се потонува.

Нејзината исповед е всушност контроверзен спој на исклучително успешна спортистка (беше водечка кошаркарка на Црвена ѕвезда, Панатинаикос и Панкрати) и криминалка која во затвор поминала речиси 8 години. Но и современа активистка која се залага за човекови и социјални права, самоука, талентирана сликарка која директорот на атинскиот затвор Елеонас Тива, во кој ‘робијаше’ и го наслика, денес ја повикува да се врати како надворешен соработник и со своите слики да ги украсува мрачните ѕидови и да ја разубави реалноста зад решетките.

Своите дела авторката ги брани со аргументите: Подобро е да се биде чесен ограбувач отколку нечесен лекар, политичар, спортски работник.

„Јас Пинк Пантер“ беше најпродаваната книга на Саемот на книга годинава. Тоа е вистинска приказна за врвна кошаркарка која случајно влегла во светот на криминалот и станала дел од познатата меѓународна криминална група Пинк Пантер.

Оливера неодамна беше гостинка во емисијата “Во центар” на новинарот Васко Ефтов каде ја раскажа својата приказна. Емисијата беше една од најгледаните досега.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.