Од 18 до 25 август, 18-то издание на ликовната колонија “Дрен”

Од 18 до 25 август 2026 година ЦК „Марко Цепенков“ ќе ја реализира 18 -та ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“. На колонијата годинава ќе творат Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески, кои ќе работат монументални скулптури за во јавен простор.

Колонијата е дел од годишната програма на Центарот за култура „Марко Цепенков“ за 2026 година во визуелни дејности поддржана од Министерството за култура и туризам.

Со особено задоволство информираме дека 18-та ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“ годинава за првпат ја поддржува и Општина Прилеп.

Колонијата годинава става посебен акцент на монументалната скулптура и нејзината улога во јавниот простор.

„Колонијата е значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел, уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата. Создавањето монументални скулптури отвора можност за трајни уметнички интервенции кои го збогатуваат просторот, го градат неговиот идентитет и стануваат дел од колективното сеќавање. Преку непосредната работа и размената на идеи, уметниците го истражуваат односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето. Особено ни значи што Ликовната колонија „Марко Цепенков“ е добитник на наградата „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп, признание кое го потврдува нејзиното значење и долгогодишниот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот”, вели Марјан Стојаноски, координатор на колонијата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.