Од тука потекнува највкусниот буковец, а убавината на куќите целосно ќе ве освои (Фото галерија)

Селото Буково се наоѓа во јужниот дел на Општина Битола, на оддалеченост само од 5 километри од градот Битола на источните огранки на Пелистер.

За славното минато на село Буково сведочи архитектурата во ова село, односно некои од куќите се во ист стил како и оние на Широк Сокак.

За потеклото на името на Буково, најверојатна е претпоставката дека тоа потекнува од името на дрвото бука, кога е го има во изобилство на падините на Пелистер околу самото село Буково.

Се работи за прекрасно автентично село, а пред се живо село, каде според последниот попис биле попишани 3.494 жители.

Куќите во селото се која од која поубави, како разгледници за кои треба денови за целосно да ги разгледате сите детали.

Во Буково се снимаа и сцени од телевизискиот серијал „Сенките над Балканот“ по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ.

Во село Буково и неговата околина во XIX и почетокот на XX век се обновени и подигнати голем број на христијански храмови.

Црквата „Св. Димитриј“ е изградена при крајот на XIX век и е главна селска црква сместена во центарот на селото. Објектот е трикорабна базилика со камбанарија од западната страна.

Занимливост за оваа црква е што има катна галерија само над јужниот кораб на црквата, што е реткост.

Поради изобилството од бистра вода и плодна почва, во ова село успева и се одгледува црвениот пипер надалеку познат под името буковец токму поради името на ова село. За квалитетот на црвениот буковски пипер како и за трговијата која се одвивала за него во Буково уште во XIX век сведочат и записите на странски (бугарски) дипломати и патописци. Буковецот е споменат и од македонскиот револуцонер Ѓорче Петров кој во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, пишувајќи за земјоделството и плодородноста на котлината Пелагонија во делот за полиња во одделот орографија, запишал дека пипер се добива од издробени (мелени) пиперки во селото Буково, по кое што се нарекува „Буковски пипер“ кој насекаде е многу познат и е неопходна состојка на секоја трпеза.

Истражете ја Македонија, затоа што крие еден куп скриени убавини!


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.