Носталгија за едно време: Не постоело маало во Прилеп каде не се играл фудбал на мали голчиња, денеска терените се празни

Фудбалот за почетници и рекреативци спласнува

– Некогаш имало кавги за кој да игра, сега терените се празни

Во еден телевизиски настап кралот на фудбалот, Пеле, има препорачано: За децата до околу 12-13-годишна возсраст фудбалот треба да биде чисто детски, забавен, како и сите други детски игри, а дури потоа да има вклучување во клуб. Кај нас тој чисто детски, забавен фудбал одамна е познат како фудбал на мали голчиња.

Речиси немаше машко дете кое немаше одиграно барем еднаш на мали голчиња. Се играше насекаде и на безбедни и на небезбедни места, насред улица. Затоа во официјална употреба е терминот уличен фудбал.

За значењето побаравме мислење од Златко Петрески, професор по физичко и тренер во Победа.

-Уличен фудбал – така модерно го нарекуваат и преку УЕФА, на семинарите што ги посетуваме. ФФМ преку УЕФА ја протежира играта на мали голчиња, што е како основа за оформување на еден фудбалер, оти излегуваат таленти. Таму може да се видат и техника, и тактика и надареност, фудбалска интелигенција… Се гледа индивидуалната техника на децата, а околу тактичките работи. Деца си прават тактика: Ти оди поназад, јас понапред, тој лево – јас десно и слично. Несвесно тоа го работат децата внатре, каде обично се игра со минимум играчи 4 на 4 или 3 на 3. Има многу контакти со топка. Секој мора да ја развива фудбалската интелигенција, да знае што сака со топката, потоа да ја развива колективната игра и тн. Сето тоа несвесно, ама продуктивно да израснува во некој добар играч. Тоа е база. Не мора да гарантира успех ако го однесеш детето од 6 или 8 години во тренажен процес. Затоа што на времето имало играчи од светски калибар, како Дејан Савичевиќ, дури на 15 години почнал да тренира фудбал, па израснал во светска величина – вели Петрески.

Наизглед забава, игра, но уличниот фудбал се смета за најзначаен во запознавањето на децата со фудбалската игра. Се смета дека доколку некаде се негува уличен фудбал, има повеќе веројатност да излезат добри играчи. Така било низ градов пред децении. Се играло на сите ширинки меѓу зградите, на покуси и непрометни улици, на ливади. Се играло и во лето, во најжешкото и во зима, во најстуденото.

Желбата била огромна и ништо не можело да ја попречи. Ако наврнел снег, бргу се чистел, а ако имало премногу, се играло и на снегот. Ако имало вирови од дожд, со метли се туркала водата и играта почнувала. Така било кај Зоолошката, зад зградата од Шумското стопанство, крај Градскиот базен, кај Старите гробишта, низ училиштата…

Головите почесто биле со камчиња, поретко со прачки и летви. Имало толкава масовност што не само деца, ами и младинци и повозрасни не можеле да ја исполнат желбата да играат оти тешко можело да се начека слободно игралиште. А сега? Ретко да се видат мали голчиња. Во исчезнување е уличниот фудбал.

-Глобализацијата на општетството, навлегувањето на компјутерски и информатички технологии ги оддалечија децата од фудбалот, од спортот… Сé помалку дечиња играат каква било игра, не мора да е тоа фудбал. Веќе се подзаборавени: народна, џамија, мижитатара. Процесот е незапирлив. Некои родители ги запишуваат децата во спортски клуб да ги оттргнат од компјутер, за правилен психофизички развој. Добро е тоа, ако не е насила. Моите ќерки сами пројавија интерес за одбојка. Мило ми е. Но, за жал, модерново време го носи своето. Ретко се случува, одејќи по улица да начекаме дечиња што играат фудбал. Децата се во затворен простор. Ги нема надвор. Родителите знаат по децата. Им велиме: Не оди таму, ќе настиниш, ќе се наводениш. Како што се разликувавме ние од дедовците, бабите и од родителите, така и нашите деца се различни од нас. Сите влегуваме во таа ,,машинерија,, – смета Петрески.

Фудбалот на мали голчиња не беше забава само за децата, ами го играа и младинци, возрасни, категории кои сакаа да го практикуваат овој спорт за рекреација. Поединци не се откажат од играње дури до пензионерските денови.

Овој фудбал е маслки. Се игра со помалку напор и трчање. Не е нужна којзнае каква опрема, освен патики. Се собирале друштва на исто место по два-три пати во неделата. Така со децении.

Прочуени во минатото беа варошаните, кои први организираа турнир на мали голчиња, наречен турнир во мини-фудбал ,,29 Ноември,,, по повод некогашниот југословенски празник.

Почнал во 1981 година. Траел додека се празнувало, пред распадот на Југославија. Зачуван е записник од 1989 година, кога учествувале 12 екипи, од кои спомнати се: Баксузи, Ило Попадинец, Вишне, Ѕвекачи, Партали, Стари другари. Победникот Вишне (Р. Петрески, Зл. Игески, Зо. Игески, Т. Стојаноски со тренер Д. Игески) добил награда од 900 илјади динари. За овие настани сведок е Пеце Николоски – Пепио, познат во јавноста како поет.

– Турнирите се правеа со екипи по тројца, а четвртиот резерва. Се пријавуваа од цел град. Организатори беа од Месната заедница Варош. Игралиштето беше на местото Панаѓуриште.

Беа поставени мали голчиња со мрежи. За најдобрите се даваа парични награди. Сега на местото има детски игри, нишалки. Се одржуваат и театарски претстави на отворено.

Нема веќе фудбал на мали голчиња. Децата ретко се дружат, а камоли да играат. Пред компјутер се цело време. Помладиве не играат на мали голчиња.

Еднаш видов дечиња како ја удираа топката во близина на Домот. Ама не страсно, како што игравме. Тоа беше забава. Друго немавме. Убаво беше дружењето. Сега нема ништо. Уште ги чувам стативите на таван. Мака ми е што ги гледам. Потсетуваат на убавото време.

Си викав дека некој од децава ќе посакаат да играат, ама нема. Жално е, мачно, што ги натераш ни скокалиња на играат, ни другите игри како челик, долга магарица… Не знаат ништо.

Пишувам песни, но не сум пишувал за малите голчиња. Немам инспирација. Потребно е навраќање. И ако се случи, којзнае како ќе биде сфатено. Не сум сигурен дали ќе биде прифатено. Нови генерации, ново време – потенцира Николоски.

Едно од ретките игралишта, наменето за фудбал на мали голчиња е тоа кај населбата ,,Типски куќи,,. Долго 30 м., широко 15 м., заградено со метална мрежа, обележано, ги има истите голчиња поставени пред 23 години.

Широки се 150, високи 75 см. Одржани се два турнира, организирани од екипата Вишне, од Љ. Јорданоски – Црнио, Т. Кондоски и Б. Василески. На првиот турнир во конкуренција на 28 тима, на финалето на 8 септември 1995 победи екипата Ветерани (Т. Ѓорѓиоски, Љ. Андреевски, О. Богески, Г. Спиркоски, О. Цаневски) со 2-0 против Фаворити.

Следеа 500 гледачи. На вториот турнир меѓу 39 екипи, на финалето на 29 јуни 1996 г., екипата Сокара Бони (З. Илиоски, С. Глигороски, Г. Талески, П. Илиоски, Д. Донески, Р. Белчески) на пенали 3-2 (0-0) го совлада Вишне.

-Такви времиња нема да се повторат. Начекавме таква привилегија. Имавме среќа да се дружиме низ такви игри. Сега, скоро кога откажавме. Никој повеќе не организира. Новиве генерации едноставно не можат да се соберат. По два-тројца се. Ние се собиравме по 30 души. Беа убави времиња. Среќни денови. Со душа чекав да дојди среда или сабота, да играме. Од работа брзав на игралиштето. Се спремав со патики, тренерки… Со службената кола често одев до Скопје и гледав што побргу да се вратам да стигнам. На планина одев со група планинари и не го пропуштав фудбалот на мали голчиња. И со велосипед возев до Слива и пак навреме се враќав и без одмор играв. Во крвта ми беше, од фудбалот не можев да откажам. А и луѓето го сакаа многу фудбалот, се дружеа. Многу мерак имавме, нон-стоп игравме и не можеше никој да нé победи. Од цел град идеа кај Типските. Стекнав многу пријатели со кои до ден-денес сме неразделни. Сега нема никој на игралиштето. Празно е – рече Љупче Јорданоски – Црнио.

Турнир и во ДТВ

Имаше мали голчиња и во неколку училишни сали, како и во ДТВ Партизан. Таму есента 1995 година е одржан турнир во мини-фудбал, прв во затворен простор. Се одигра и ревијален меч на кој, покрај другите настапи младиот репрезентативец Сашо Крстев.

Сепак, традицијата не продолжи. Салата е првенствено за гимнастика и тука има разни справи, така што постои ризик од оштетување. Од овие причини наредните години немаше турнир во мини-фудбал.

Има само уличен баскет

Поранешниот уличен фудбал го снемува. Но уште постои уличен баскет. Баскетот на еден кош добива поголеми размери. Се игра на високо ниво. Спортските ТВ вршат преноси од разни турнири и првенства.

Дури има и Светско првенство во оваа дисциплина. На годинашното првак стана Србија, пред Холандија и Словенија.

Извор: “Неделник Зенит”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.