Носителите и пратениците ќе останат во Парламентот, нема да избегаат во извршната власт

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе оди со својата најдобра понуда, со многу нови луѓе и нова генерација која ќе донесе промени кон подобро. ВМРО-ДПМНЕ за само неколку години освен тоа што ја научи лекцијата од минатото, ќе донесеме обнова и тоа со многу нови луѓе. Ова не е битка само на ВМРО против власта, туку на целиот народ против Заев и оние во раководството на СДСМ, најави претседателот на партијата Христијан Мицкоски на вечерашната конвенција во Македонската филхармонија, пренесува Република.

Мицкоски најпрво се осврна на двајцата натпартски носители на пратеничките листи – професорката Силјановска Давкова и оперскиот пејач Игор Дурловски.

“Професорката Гордана Силјановска Давкова и светскиот маестро Игор Дурловски се луѓе со кредибилитет, чест и образ. Овие луѓе се признати во светот и во своите животи имаат се што би можеле да посакаат едни успешни професионалци, но ја немаат слободата и ја имаат загриженоста дека вака повеќе не може. За нив не е проблем да живеат во било кој дел од светот, ама пустото, каменот тежи највеќе дома и се решија да се борат против неправдите, против неспособноста и против газењето на вредностите. И кога го гледам нивниот мотив, сфаќам колку погрешно се движат работите во земјата и колку мора побрзо да се променат. Дафина Стојановска и Владо Мисајловски се луѓе со кредибилитет, угледни во својата средина, луѓе работници, со чест и углед и знам дека најдобро ќе ја шират нашата мисла и визија. А Игор Јанушев и Александар Николоски се луѓе кои знаат во каква битка влегуваат, одлучни и искрени и нивната победа ќе значи победа над неправдите, но отпочнување на битка за европеизација на Македонија”, рече Мицкоски.

Тој им се обрати на носителите на листите, но и на сите кандидати за пратеници.

“Сите вие што сте зад мене и што заедно ќе настапиме на овие избори најдобро знаете какви критериуми барам и колку е важно да го почитувате моралниот кодекс за кој зборувам на сите мои настапи. Внимавајте утре ќе треба да се води земјата и прекршувањето на тие правила ќе значи изневерување на мојата доверба и довербата од народот која не смее да се злоупотреби поради неодговорност на поединци и знаете дека јас тоа нема да го толерирам. Бидете гласот на народот, разумот и промените кои и се потребни на нашата земја. Носителите и пратениците ќе останат во Парламентот, таму каде што добиле доверба од народот. Ние не ставаме луѓе кои после ќе избегаат во извршната власт. Тоа е наш концепт”.

Извор: republika.mk


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.