Нема повеќе заминување од Армијата на 45 години – Војниците добиваат нова можност

Професионалните војници во Македонија кои ќе наполнат 45 години добиваат можност да продолжат со работа до пензионирањето, но со променет работен статус. Првите договори за вработување на неопределено време како цивилни лица беа потпишани денеска во Министерството за одбрана.

Со оваа промена, војниците кои досега по навршувањето на 45-годишна возраст мораа да размислуваат за заминување од Армијата, добиваат дополнителна можност да го продолжат својот професионален ангажман.

Од Министерството за одбрана информираат дека новото решение е резултат на реформите во одбраната, спроведени во соработка со синдикалните здруженија и Генералштабот. Договорите што беа потпишани се на неопределено време, а работниот статус на професионалните војници ќе се трансформира во цивилни лица во Министерството, односно во македонската Армија.

Досегашните можности остануваат во сила и за оние кои ќе одлучат да не го продолжат работниот ангажман. Тие и понатаму ќе можат да изберат испратнина во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата или да се префрлат во органите на државната и локалната власт, појаснуваат од Министерството.

Според МО, со реформата се надминува долгогодишната неизвесност со која се соочуваа професионалните војници пред исполнувањето на старосниот услов за завршување на службата.

Од Министерството и Генералштабот посочуваат дека искусниот кадар е значаен ресурс за одбранбениот систем и дека задржувањето на војниците со долгогодишно искуство е важно за функционирањето на Армијата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.