На 78 години лета со параглајдер: За прилепчанецот Миле не постојат граници

11

Отсекогаш, исконски било и е човекот да лета. Човекот да се почувствува како птица, како Икар од митологијата. Да се вивне во височините на средба со облаците и да ја гледа земјата од птичја перспектива.  Да се лета и да се осети возбудата на небото не се важни годините ниту ни кога се живее осмата деценија.

Пензионерот Миле Грданоски (78), поранешен машински инженер, во годините на староста се открива себе си со лет на хоризонтот со параглајдер. Ужива во екстремните спортови, планинарењето и спелеологијата и саати “губи” во комуникација со пријателите на социјалните мрежи.

2

Првото одлепување од копното, за доживувањето и летањето со параглајдер го доловува како посебно задоволство.

– Првиот лет го имав на светското првенство во змејарство во Крушево пред еден месец. Полетавме со параглајдер – тандем од Мечкин Камен од 1400 метри надморска височина.  Бидејќи термичкиот столб беше исклучително силен, со пилотот Игор од Скопје се кренавме до 2500 метри. Дел од летот бев копилот, а потоа го зазедов и кормилото на пилотот. Го управував параглајдерот. Истовремено се снимав со посебна широкоаголна камера. Повеќеминутното летање во воздухот снимив и видео од три минути – кажува Грданоски за несекојдневното летачко искуство.

Доживувањето е посебно, неверојатно, интересно.

– Се прашував која е таа сила, кој е животен порив што ги тера луѓето да ризикуваат со овој спорт. Не почувствував страв. Прекрасно задоволство и остварување на исконскиот сон на човекот да биде птица, слобода, шир, пријатен виор од кој се крева адреналинот.  Доживеав вител на задоволство, да се гледа панорамата долу, околу Крушево. Поздравот со облаците нема да биде последен. Закажав втор контакт со небото. Би сакал да ми се придружат и други пензионери, доколку  се здрави – рече Миле Грданоски.

Тој првин теоретски преку интернет го проучувал  параглајдерството, бидејќи тоа не е само спорт, туку и наука што е тесно поврзана со неговата струка и пасија – термотехниката и метеорологијата.

Грданоски работниот век го заврши како директор на секторот за развој во Тутунскиот комбинат. Работел и на компјутерско цртање. Кога не е врзан за социјланите мрежи, каде веќе заразил и друго колеги од неговата возраст, пензионерските денови ги минува во друштво со природата. Често планинари и ги крстари македонските шуми.          Мераклија е и за откривање на мистериите и декорот на пештерите. Основал спелеолошка секција во планинарското друштва Златоврв. Заљубен е во чистиот воздухот и движењето.

– Се интересирав преку интернет за екстремните спортови, не само во височините, планинарењето, ами и во водата и воздухот. Сум се спуштил во многу пештери и планински јами во поранешна Југославија, Бугарија. Не се плашам ниту од небото, ниту од утробата на земјата – објаснува бестрашниот пензионер.

Грданоски по пензионирањето им е “роб” и е секојдневно опседнат со повеќе страсти.

ИЗВОР: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ

 

 


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.