Наместо на плажа: Две прекрасни светилишта во прилепско кои можете да ги посетите за утрешниот голем празник Св. Илија (Фото галерија)

Ако се уште не сте се одлучиле каде да го поминете утрешниот празник, наместо излет покрај езеро, ве упатуваме до двете светилишта во прилепско кои го носат името на светиот пророк Илија.

На околу 30 км од Прилеп, движејќи се по патот Прилеп-Градско, се скршнува кај с. Беловодица и преку селата Царевиќ и Смолани, се пристигнува во една волшебна рајска убавина, до манастирот посветен на Св. Илија во с. Дрен.

Низ предели исполнети со зеленило, шаренило, мир и тишина, низ прегратки на дебела дабова шума, се доаѓа до ова здание кое ни имагинација и магија не би го создале сами од себе.

А таму ќе ве пречекаат шарени пауни, рајски птици, носители на мир, бели гулаби, многу цвеќе и одлична уреденост и чистота.

Она што оди во прилог на целосно опуштање и заборав на сите проблеми, е тоа што нема мобилна мрежа, но има повеќе од доволно што да се види и доживее.

Љубовта кон бога и веројатно силата која им ја подарил светиот пророк Илија, се нештата кои помогнале на сите добронамерници да го изградат ова што постои и плени сечие око.

Водата од манастирската чешма е мевлем и лек за душа, силна, бистра и студена.

За втора дестинација ве праќаме во село Кален мариовско каде ќе ве дочека манастирот Св. Илија Писокал.

Манастирот се наоѓа во живописната и недопрена природа на почетокот на Мариово, веднаш после превојот Слива од десната страна на патот Прилеп-Витолиште, на оддалеченост од 18 километри од градот. Писокал е поранешно село кое во 1873 година имало 46 жители во 9 домаќинства, а во 1900 имало 90 жители. Селото Писокал згаснало, запрел плачот на децата, крикот на добитокот и црковната камбана, под притисокот и палежот на Турците и Србите, во почетокот од минатото столетие.

Се запретале во пепел огништата, се преселил животниот пламен и ритамот на срцата со болка во душата. Се исселиле жителите во денешното село Чумово. Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака. По дремката, и исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, и ја вратил “рубата”. За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.