Мијачка убавина во прегратките на планината Даутица: Посетете го прекрасното Ореше (Фото галерија)

Сместено во централниот дел на Македонија во општина Чашка, на 800м. надморска височина во прекрасните пазуви на планината Даутица, се наоѓа селото Ореше.

Ореше е едно од најубавите села во овој дел на државата кое изобилува со прекрасна и живописна природа, вода, густа шума и прекрасни луѓе.

Селото има огромен потенцијал за развој на планинскиот туризам, но како и други краишта од нашата преубава земја, ретко кој го знае и ретко кој уживал во овие недопрени убавини.

Како и другите планински села и Ореше не го одминала миграцијата, па според некои податоци селото денеска брои околу стотина жители, а имало времиња кога тука живееле околу 1.000 луѓе.

Орешани се снаоѓаат и сега засега успеваат да ги одржат родните огништа, но кога државата би вложила поголеми средства во развој на овој вид туризам, Ореше сигурно би било примамлива дестинација за голем број туристи од земјата и странство.

Низ селото течат две помали реки кои потоа се вливаат во реката Бабуна, а до него се доаѓа и од Велес и од Прилеп.

Од Велес преку Чашка, селото е оддалечено 50тина километри, а од Прилеп се доаѓа преку Стровија.

Во селото има две цркви Св. Богородица и Св. Петка, а на 3 км. оддалеченост се наоѓа и преубавиот манастир Св. Ѓорѓија.

Во селото има продавница каде селаните ќе ве пречекаат со убав муабет, пиво, мезе… и ќе уживате во секоја минута додека сте тука.

Легенда за основачот на селото

Основач на селото Ореше е дедо Дамјан, родум од селото Росоки, Дебарско.

На млади години бил ќаја кај еден бег во Цариград. Еднаш, бегот се пофалил пред една од неговите анамки дека има тапија од султанот за некаков голем имот кој ќе го направи многу богат и ѝ ја покажал тапијата. Ќајата го слушнал нивниот разговор, па го следел бегот каде ќе ја скрие тапијата и за да му се одмазди за неговото лошо поведение кон него, му ја украл тапијата и избегал. Ќајата со тапијата долго време скитал без да смее да се појави во родниот крај, дури скитајќи од село на село не пристигнал во селото Капиново. Во тоа село се спријателил со капиновчанецот Стефан и останал да живее во неговата куќа. По престојот од околу две години кај него, од жал за родниот крај, дедо Дамјан тешко се разболел и за да ја излекува својата болест, морал да замине во родниот крај. Стигнал во Росоки, поживеал малку со родителите и се верил за една селска девојка.

Но, и родниот крај не го задржал. Тогаш почуствувал тага за планината Бабуна и на својата вереница ѝ соопштил дека откако ќе се земат, ќе заминат да живеат во еден многу убав крај далеку од нивното село. Штом за таа работа слушнале домашните на девојката, нејзе веќе ѝ забраниле да се гледа со својот вереник и тој сам заминал за Капиново. Цели три години ајдутувал и во еден судир со арнаутите-арамии бил тешко ранет и едвај стигнал до Капиново каде што благодарение на пријателските грижи на Стефан, бил спасен. Чистиот планински воздух благотворно влијаел врз Дамјана и тој го благословувал бога за овој рајски пристан. Дамјан наполно штом оздравел, конечно решил да се насели во близината на Капиново и макар што неговиот пријател Стефан го молел да остане да работи на неговиот имот, тој решил да создаде свое пријатно катче близу до некоја река, таму да изгради своја колипка и да работи на сопствен имот. Во него се појавила мислата да засели ново селце – карактерна црта на мијачкиот народ кој тежнее кон свој простор за своето семејство и заедно со својот пријателот Стефан, почнал да ја бара ветената земја. Оделе околу Стровија, но не му се допаднало местото, оделе и кон Маргари, но и таму не му се допаднало, но на враќање, минувајќи низ планината Даутица, кога почнале да слегуваат по течението на Орешка Река и кога стигнале до местото каде што денес се наоѓа селото Ореше, Дамјан застанал од чудесната убавина пред нив. Тогаш на тоа место имало само едно бачило на кое ќаја бил некојси Орешко.

Пријателите застанале, Дамјан бил восхитен од убавата планина штедро напојувана од обилната бистра Орешка Река и решил тука да се насели и тука да изгради свој дом. Му се допаднало тоа катче, таа мала котлинка заобиколена од сите страни со големи планини покриени со букова и дабова шума и наводнувани од мноштво бујни планински потоци кои ги распрскуваат водите низ планинските сочни ливади. Во таа котлинка со помошта на Стефан и момокот Орешко, Дамјан изградил своја куќа. И кога ја исполнил својата заветна приказна, се видел осамен и мислата почнала да му бега кон селото Росоки, по неговата прва љубов. Домашните на неговата избраничка слушнале за неговите ајдучки подвизи и збор не давале да се каже во нивната куќа за Дамјана. Откако не му ја дале невестата, Дамјан со неколкумина другари ајдути, влегува во Росоки, ја грабнува избраничката и ја одведува во својот нов дом и со неа се венчава во село Капиново. Така, ајдукот Дамјан во својот дом донел домаќинка од својот роден крај зашто како Мијак, тој по секоја цена сакал да ја задржи старата племенска традиција и да се ожени за девојка од мијачко потекло.

По настанувањето во новото село, за да не живее осамен, Дамјан почнува да ги убедува своите блиски роднини да се населат во неговото село. По долги убедувања во селото дошле Китан од Могорче, а потоа и неколку семејства од дебарските села Лазарополе, Гари и Галичник, кои од зулумите на арнаутските банди избегале од родните села. Во знак на благодарност кон момокот Орешко кој несебично им помагал на новодојденците, новото село Мијаците го нарекле Ореше. Набргу потоа, поради зулумите на Арнаутите, од Лазарополе со семејството доаѓа и дедо Чупче, родоначалникот на семејството Чупарови. По кусиот престој во село Ореше, нему му се допаднало друго место за селиште и се населува на четири-пет километри подалеку од Ореше. Од село Могорче, пристигнал и дедо Митре, таткото на поп Илија, подоцнежен свештеник во село Папрадиште, за една година новото село веќе броело десетина куќи кое поради изобилието на папрат, доселениците го нарекле Папрадиште. Населувањето на селата Ореше и Папрадиште се случило кон почетокот на седумнаесетти и почетокот на осумнаесетти век, тие две селца по неколку поколенија доста се прошириле, а со својата особеност во носијата и со дебарските навики и обичаи многу се разликувале од селаните во другите велешки села. Орешани и папрадиштани се гордеат со своето мијачко потекло зашто сметаат дека нивното старо племе Мијаци во секој поглед е на повисоко стапало од останатите македонски племиња. Тие слепо се придржуваат на својата мијачка носија, особено жените, и со запазените обичаи, навики, преданија и наречјето на своите дебарски предци, тие се големи сепаратисти и не се посватуваат со населението од околните села од брсјачките племиња. Во својот сепаратизам, Мијаците од Ореше и Папрадиште одат до таму што ако в село им влезе човек од околните села, децата прибегуваат кај мајка си или татка си, соопштувајќи им ја непријатната вест, „леле мајко, брсјак дојде!“.






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.