Премиерот Христијан Мицкоски синоќа ја посети изложбата „Револуција во кадар – ВМРО низ фотографии 1893–1934“, поставена во Галеријата на МАНУ во Скопје, која преку повеќе од 60 оригинални историски фотографии го доближува македонското револуционерно минато до јавноста.
Автори на изложбата се Диме Ратајковски, поранешен главен и одговорен уредник на МРТВ, и прилепчанецот Душко Апостолоски, кој повеќе децении посветено собира ретки историски фотографии поврзани со македонската историја.
Посебната вредност на изложбата е во тоа што значителен дел од фотографиите досега не биле објавени. Овие автентични сведоштва, создадени во периодот од крајот на XIX век до првите децении на XX век, прикажуваат револуционери, војводи, комитски чети и личности кои оставиле трага во историјата.
Изложбата е реализирана по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, а преку оригиналните фотографии, старите потписи и посвети, посетителите имаат можност да се доближат до времето на борбата, жртвата и идеалите за слобода.
За прилепчанецот Душко Апостолоски, оваа изложба е уште еден придонес во зачувувањето на историската меморија и сведоштво за значењето на старите фотографии како дел од македонското културно и историско наследство.





























