Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во Скопје оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која порача дека земјата ги исполнува реформските обврски и дека е време за фер процес и јасна европска перспектива без нови билатерални условувања.
Премиерот нагласи дека европската определба на државата е неспорна и дека Владата посветено работи на домашен терен, но очекува посилна политичка поддршка од европските институции:
„Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврските и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија“, истакна Мицкоски.
Тој се осврна и на прашањата во односите со источниот сосед, посочувајќи дека се очекува вклученост на ЕУ за да се создадат услови за одржливо решение во кое договореното ќе важи за сите, без нови толкувања и дополнителни барања.

























